Српската техничка премиерка Ана Брнабиќ им се заблагодари на руските безбедносни служби кои ги споделиле информациите кои ги имале со српската влада дека дел од опозицијата ќе ги оспори изборните резултати и насилно ќе проба да ја преземе власта, јави Н1.
– Веројатно ова нема да биде популарно на Западот, но особено вечерва чувствувам дека е важно да застанам во одбрана на Србија и да им се заблагодарам на руските безбедносни служби кои ги имаа тие информации и ги споделија со нас – рече Брнабиќ.
Таа тврди и дека српските државни власти потоа ја споделиле таа информација со други претставници на меѓународната заедница, но дека меѓународната заедница го отфрлила ова како руска дезинформација.
– Сите останати велеа дека тоа е дистрибуција на лажни вести – рече Брнабиќ во емисијата „Хит твит“ коментирајќи ја средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и рускиот амбасадор во Белград Александар Боцан-Харченко.