Вицепремиерката Славица Грковска предложи измени на Законот за рестриктивни мерки со цел да се овозможи санкциите изречени од САД, кои се однесуваат на корупција, организиран криминал, тероризам и хибридни закани, да можат да се применат и во нашата држава и опфатените субјекти да подлежат на санкции согласно домашното законодавство, информира владината прес-служба.
Предложените измени денеска биле разгледувани од Координативно тело за анализа и зајакнување на легислативата во борбата против корупцијата и организираниот криминал, со кое претседаваше вицепремиерката Грковска, а учествуваа вицепремиерот за европски прашања, министрите за надворешни работи, одбрана и финансии, директорите на Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Управата за јавни приходи, Управата за финансиско разузнавање, Царинската управа и Финансиската полиција, како и претставници на министерствата за внатрешни работи и правда.
Присутните се согласиле околу потребата да се изготви ефективно решение со кое ќе се прошири опсегот на листата на санкции и ќе се дополни законот со процедура врз основа на која изречените санкции од САД ќе бидат процесирани во нашето законодавство.
„Поддршката од САД како докажан сојузник на Република Северна Македонија е од огромно значење, како и напорите на американската влада за промовирање на мирот, стабилноста и функционалното демократско владеење во регионот“ – нагласиле учесници на состанокот.
Координативното тело заклучило предлогот за измени на Законот за рестриктивни мерки, со внесени забелешки, да се достави до Владата и да биде разгледан и усвоен на некоја од наредните седници.