Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле со одлука на Владата прераснува во Јавна здравствена установа Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ – Скопје, соопшти премиеот Димитар Ковачевски кој по тој повод денеска ја посети оваа институција.
– Повеќе од 70 години, болницата „Козле” е симбол на професионалност и грижа за децата и со проширување на дејноста тоа заслужено се надградува и се отвораат можности за натамошен развој на оваа установа – рече Ковачевски.
Се очекува дека со одлуката за промена на дејноста на оваа здравствена установа ќе се добие побрзо и поефикасно дијагностицирање, третман и лекување на пациентите и ќе се намали притисокот врз други установи, со што ќе се обезбеди подостапна и поквалитетна здравствена заштита за пациентите.
„Со оваа одлука се овозможува проширување на дејноста на оваа здравствена установа преку специјалистичко-консултативна и болничка здравствена заштита и здравствена дејност на терцијарно ниво од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза, изведување образовна дејност, усовршување на здравствените работници и научно-истражувачка дејност, како и вршење здравствени услуги кои бараат стручен, организациски и технолошки сложен и мултидисциплинарен здравствен третман од областа на респираторните заболувања кај децата и цистичната фиброза, изградување и спроведување на стручно-медицински доктринарни критериуми во својата област и укажување стручно -методолошка помош на здравствените установи од соодветната гранка на медицината“ – соопшти владата.