Турските безбедносни сили уапсија 304 лица осомничени дека се поврзани со екстремистичката организација Исламска држава (ИД), соопшти турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.
Акцијата под кодното име „Херои-34“ била спроведена заедно од полицијата и антитерористичката единица во 32 провинции, а најголем број апсења имало во трите најголеми градови Истанбул, Анкара и Измир, напиша Јерликаја на социјалната мрежа Икс.
Нема информации за националноста на уапсените.
Милитантната група во минатото изврши серија смртоносни напади низ Турција, вклучително и вооружен напад во ноќен клуб во Истанбул на 1 јануари 2017 година, во кој животот го загубија 39 лица.
Не е јасно дали операцијата за апсење била дел од зголеменото обезбедување пред новогодишните прослави.
Министерството за внатрешни работи објави видео на мрежата X на кое се прикажани слики од рациите, вклучително и антитерористичка полиција како ги крши вратите, им става лисици на осомничените и ги внесува во полициски возила.