Судот на правдата на Европската унија одлучи дека Европската фудбалска унија (УЕФА) и Светската фудбалска федерација (ФИФА) го спречуваат создавањето на Европската Суперлига, злоупотребувајќи ја својата позиција на чадор организации без правна основа.
Пред две години, 12 европски клубови се согласија да започнат ново натпреварување по моделот на Евролигата во кошарка, кое ќе биде од затворен формат и пандан на Лигата на шампионите на УЕФА.
Кошаркарската Евролига е основана во 2000 година од УЛЕБ, Асоцијацијата на професионални лиги на Европа, која стана независна од европскиот огранок на Светската кошаркарска федерација (ФИБА).
Судот на правдата, се водел од таков случај за да ја потврди начелно слободата на здружување и да им даде право на фудбалските клубови да го следат примерот на кошарката.
Иако иницијативата првично беше поддржана од многу водечки клубови на Стариот континент, во меѓувреме само најлутите ривали во шпанскиот фудбал, Реал Мадрид и Барселона, останаа на браникот на Суперлигата која, како што тврдат поддржувачите на проектот, ќе донесе големи пари од спонзорите.
Во меѓувреме, УЕФА презеде свои чекори. Од следната сезона Лигата на шампионите ќе брои 36 екипи, четири повеќе од досега.
Идејата за европска Суперлига веќе ги погоди своите први пречки бидејќи Баерн Минхен, Манчестер Јунајтед, Атлетико Мадрид и Севиља решија да кажат „не“ на натпреварувањето.
– Многу е јасно: вратата на Суперлигата во Баерн останува затворена. Таквото натпреварување би претставувало атак на важноста на домашните лиги и европскиот фудбал – вели извршниот директор на клубот од Минхен.
– Нашиот став не е променет. Остануваме целосно посветени на учеството во натпреварите на УЕФА и позитивната соработка со УЕФА, Премиер лигата и колегите клубови преку ЕЦА за понатамошен развој на европската игра – е официјалната порака од Манчестер Јунајтед.
Сличен став имаа и шпанските клубови Атлетико Мадрид и Севиља, а каква ќе биде реакцијата на екипите ширум Стариот континент, останува да се види.
По одлуката во која беше образложено дека ФИФА и УЕФА на незаконски начин го блокирале формирањето на натпреварувањето, претседателот на УЕФА, Александар Чеферин реагираше со иронија.
-Можат да прават што сакаат. Се надевам дека ќе имаат прекрасно натпреварување со само два клуба. Се смеам… Овој систем што го претставија денес е уште поблизок до оној претставен во 2021 година и кој беше отфрлен од сите во фудбалот – вели Чеферин.
Тој исто така додаде дека одлуката на судот во основа е позитивна и не имплицира дека тоа ќе значи и формирање на спорното натпреварување.
– Одлуката ја гледаме како можност за подобрување на некои правила. Фудбалот останува обединет и затоа сите заинтересирани страни зборуваат заедно. Постои силен контраст помеѓу соопштението на Европскиот суд и самата пресуда. Пресудата е навистина позитивна – додаде Чеферин. .
Тој имаше порака и за гигантските шпански клубови.
– Не сум сигурен дека Реал и Барселона знаат што прават. Фудбалот не се продава – додаде првиот човек на УЕФА.