Израелската влада на Бенјамин Нетанјаху не ги заслужува Израелците како народ, членовите мислат само за своите фотелји и немаат капацитет да и служат на земјата. Вака изјави Ави Шамриз, таткото на 26-годишниот Алон Шамриз, еден од тројцата израелски заложници кои „по грешка“ беа убиени од израелската армија во Појасот Газа.
– Двапати го убивте мојот син – нагласи таткото за Ен-Би-Си Њуз.
Шамриз објасни дека владата на Израел најпрво му дозволила на Хамас да го киднапира неговиот син при нападот на Хамас на 7 октомври, а потоа израелската армија го убила во декември.
Наведувајќи дека израелската администрација не води сметка како да ги врати заложниците од Газа, Шамриз рече дека властите „воопшто не размислуваат за заложниците“. Тој побара неговиот син да биде вклучен во списокот на „маченици“, но армијата го одбила ова барање, пишуваат израелските медиуми.
Семејството на Шамриз претходно потсети дека на 15 декември тројцата израелски заложници биле убиени и покрај тоа што биле без облека и носеле бело знаме.