Владата на Хамас во Појасот Газа објави дека 20.000 луѓе загинале во израелските воени операции од почетокот на војната на 7 октомври.
Меѓу загинатите има најмалку 8.000 деца и 6.200 жени, а ранети се 52.600 луѓе, пренесе агенцијата Франс прес.
Палестинските екстремисти, предводени од Хамас, убија околу 1.200 луѓе, главно цивили, во нападите врз јужен Израел. Најмногу жртви имало на првиот ден од војната, 7 октомври.
Израелската армија соопшти дека во копнената офанзива во Газа загинале 134 војници, пренесува АП.
Израел вели дека околу 7.000 палестински екстремисти се убиени во војната, но не обезбеди докази за тоа.
Земјата го обвинува Хамас за големиот број цивилни жртви, тврдејќи дека ги користи како жив штит.