Откога судот во Колорадо донесе историска одлука дека Доналд Трамп не може да се кандидира на претседателските избори во САД, тој реагираше со изјави пред своите поддржувачи. Трамп им порача дека ваквата судска одлука не е насочена против него, туку „против американскиот народ, кој нема да молчи“.
– Кога овие радикални демократи ќе се соберат и ќе донесат одлука против мене, многу им благодарам. Непријателот сака да ми ја земе слободата затоа што сака да вам да ви ја одземе слободата. Никогаш нема да им дозволам да го направат тоа. Сакаат да ме замолчат затоа што никогаш нема да дозволам да ме замолчат. И, на крајот, тие не ме нападнаа мене, тие ве нападнаа вас, а јас само им стојам на патот и секогаш ќе им стојам на патот – рече Трамп, а насобраната публика одговори со аплаузи.
Медиумите потсетуваат дека поранешниот американски претседател беше обвинет за поттикнување немири во зградата на американскиот Капитол во обид да го поништи резултатот по поразот на американските избори во 2020 година поради што Врховниот суд во Колорадо пресуди дека тој не може да се кандидира на следните претседателски избори.
Трамп беше прогласен за „неподобен“ врз основа на стара и ретко користена одредба од Уставот на САД со која се забранува учество на бунтовниците во владата.
Врховниот суд во Колорадо е составен од судии назначени од демократски гувернери и оваа одлука е прва во историјата на примената на Дел 3.14. на амандманот на Уставот на Соединетите Американски Држави за дисквалификација на претседателски кандидат. Врховниот суд на државата Колорадо ја отфрли пресудата на окружниот суд во која се вели дека на Трамп не може да му се забрани да се кандидира иако тој поттикнал немири во нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година.
Судија ја образложил својата одлука со тоа што „не е јасно дали таа одредба од Уставот на Соединетите Американски Држави важи и за претседателот на државата“.
– Не дојдовме лесно до одлуката. Свесни сме за големината и тежината на прашањата пред нас. Свесни сме и за нашата свечена должност да го применуваме законот без страв и наклоност и без оглед на неговиот ефект врз реакцијата на јавноста на одлуките што законот бара да ги донесеме – објаснија судиите на Врховниот суд на државата Колорадо.
Адвокатите на Доналд Трамп најавија жалба до Врховниот суд на САД, кој го има последниот збор за уставните прашања. Медиумите укажуваат дека тоа може да доведе до жестока конфронтација меѓу судиите во Врховниот суд.
Десетици тужби се поднесени во САД за дисквалификување на Доналд Трамп според Амандман 3 од Уставот на САД, усвоена за да се спречи враќањето на поранешните функционери на Конфедерацијата на власт по Американската граѓанска војна (1861-1865). Според тој амандман, секој што се заколнал дека ќе го поддржи Уставот, а потоа „учествувал во бунт против него“ е неподобен за функција. Овој член се користел само неколку пати веднаш по Граѓанската војна, и сега во случајот со Трамп од судот во Колорадо.