Рускиот претседател Владимир Путин повика на решителен одговор на странските специјални служби, кои, според него, се обидуваат да ја дестабилизираат Русија помагајќи му на украинскиот режим.
„Киевскиот режим, со директна поддршка на странски специјални служби, тргна по патот на терористичките методи, практично (тоа е) државен тероризам“, рече Путин во видео обраќањето по повод Денот на припадниците на безбедносните служби.
Тој додаде дека станува збор за „саботажа на цивилни објекти, транспортна и енергетска инфраструктура, напади врз цивили и владини претставници“.
Бројни саботажи на железницата во Русија и напади со беспилотни летала му се припишуваат на украинскиот режим од почетокот на руската офанзива против Украина во февруари 2022 година.
„Треба да се запрат обидите на странските специјални служби да ја дестабилизираат политичката и социјалната ситуација во Русија“, рече Владимир Путин.
Тој додаде дека безбедносните служби немаат лесна задача, но дека имаат потенцијал да ја обезбедат безбедноста на државата, општеството и граѓаните на Русија.