Секој кој ја следел Премиер лигата во 90-тите мора да го познава поранешниот фудбалер на Ливерпул и Лидс Јунајтед, Доминик Матео.
Сестраниот дефанзивец од Шкотска кариерата ја заврши во 2009 година, а последен клуб во кариерата му беше Стоук Сити.
Десет години после тоа, тој мораше да се подложи на операција на тумор на мозокот. Се започна со главоболки, а потоа тестовите го открија најлошото. Операцијата траела десет часа, а лекарите успеале да отстранат повеќе од 90 отсто од туморот.
Туморот бил присутен на мозокот уште од детството, но бил откриен дури во 2019 година, откако почнал поагресивно да се развива.
„Цела кариера ја играв со тумор на мозокот. Да не беше тој, веројатно ќе бев подобар фудбалер“, изјави Матео.
Закрепнувањето по операцијата беше тешко. Мораше повторно да ги научи работите што се учат во градинка. И не само тоа, тој мораше да учи и правилно да зборува, а потоа да пишува, црта, чита…
„Се срамев. Бев многу фрустриран. Се борев, беше доста бизарно“.
Денес, Шкотланѓанецот работи како мотивациски говорник заедно со неговата сопруга, која му помогна да го помине тешкото закрепнување од операцијата. На секои шест месеци тој мора да се јавува на прегледи за да го држи туморот под контрола.
Професионално играше фудбал дури 17 години, а има дури 300 настапи во Премиер лигата и шест за шкотската репрезентација.