Само 24 отсто или приближно секој четврт граѓанин во Македонија ги поддржува уставните измени, додека поддршката за ЕУ е опадната за цели 4 отсто во споредба со лани. Ова се резултатите на две истражувања на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер. Падот, според анализата на јавното мислење е голем, иако сè уште 60 отсто, или приближно две третини од граѓаните ја поддржуваат ЕУ-перспективата и сметаат дека ЕУ ни е најголем донатор и сојузник. Сепак, дополнителни 20 отсто од граѓаните сметаат дека членството ово Унијата не е воопшто важно, додека 12 отсто се отворено евроскептични.
Од младите луѓе на возраст од 18 до 24 години само половината го поддржуваат членството во ЕУ. Исто така, 65 отсто, односно над две третини од сите испитаници сметаат дека измените на Кривичниот законик се донесени за заштита на политичките елити од минати криминални дејствија.
За изработка на двете истражувања биле користен примерок од 1.000 испитаници чие мислење било испитано на анкета во ноември.
Марко Трошановски, претседателот на Институтот за демократија во поздравното обраќање на презентацијата на истражувањата во Europe House информираше дека ова е најнизок степен на поддршка на ЕУ од 2014 година до денес, но дека сепак мнозинството граѓани ја подржуваат ЕУ.
– Голем дел на овој пад се должи на горчливото искуство на земјата со критериумите што го има за започнување на преговори, кои не секогаш беа објективни. Но таа перспектива не треба да биде приоритет, туку приоритет треба да биде што нашата земја прави за да се приближи до Унијата. Треба да се фокусираме на патот кон ЕУ и реформите и тие да ги правиме поради самите себе. Фрустрацијата која што ја чувствуваме не треба да биде аргумент за скршнување од овој пат – смета тој.
Ото Граф, заменик амбасадорот и раководител на економскиот сектор на Амбасада на СР Германија во Република Македонија потенцираше Македонија е многу успешна во бирократскиот дел од скрининг процесот кој успешно е завршен.
– Од друга страна за граѓаните е многу поважно што може да почувствуваат од реформскиот процес и ова треба да е приоритет во следниот период – додаде тој.
Осврт на истражувачките трудови дадоа вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, Претседателот на Комисија за европски прашања во Собрание Арбер Адеми и претседателот на Национален совет за евроинтеграции Александар Николовски.
Маричиќ рече дека секој кој што е во политика треба да чувствува одговорност за изминатите 18 години колку што земјата е кандидат за членка и дека годишнините треба да се користат за резиме каде сме погрешиле и што понатаму.
– Сè што не се уставни измени ние направивме до минатата недела, го завршивме скринингот и ќе испратиме се она што беше бирократски процес во Брисел. Поважното прашање е решавање на проблемот за наредната година да немаме ситуација во која уште 10% помалку ќе веруваат во ЕУ – рече тој.
Адеми смета дека сите политичари и партии се одговорни за падот на поддршката за процесот на членство на нашата земја во ЕУ.
– Водејќи грижа за глас повеќе, не водиме грижа за стратешките цели на нашата земја, така расте популизмот и национализмот па и евроскептицизмот. Нема подобра алтернатива од ова сега што се нуди – додаде тој.
Податокот дека младите се најмногу евроскептични е најзагрижувачки податок смета Николовски.
– Како е возможно држава која што е војна, Украина, почна преговори, а Македонија не почна преговори. Покрај политичкото прашање, многу поважен е принципот на владеење на правото бидејќи мислам дека основата зошто не почнуваме преговори е поради високото ниво на криминал и корупција и принципот на неказнивост – вели Николовски.
Двете истражувања на јавното мислење на македонски јазик може да ги прочитате на следните линкови:
Анализа на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија (2014-2023)
ЕУ интеграциите во сенка на внатрешните процеси – Анализа на јавното мислење за 2023 година
Двете анализи ги презентираа авторите Иван Дамјановски, професор на Правниот факултет Јустинијан Први при УКИМ и Анамарија Велиновска, истражувачка во Институт за демократија.