Мирослав Алексиќ, еден од лидерите на коалицијата „Србија против насилството“ за Н1 изјави дека изборите во Белград се „украдени“ и дека „Арена“ (Штарк Арена) е врвот на ледениот брег. Вечерва во 18 часот е организиран протест пред градското собрание, а ќе има и прошетка до ГИК.
– Не сум задоволен ниту од резултатите во Србија, ниту од резултатите во Белград, ниту од излезноста на изборите. Излезноста е на ниво на минатогодишните избори – посочи Алексиќ.
Според него, опозицијата вкупно победила повеќе од СНС на изборите во Белград.
– Вчера бевме сведоци на брутално насилство преку ден, насилство и кражби…. Нема срам да се изгуби, но има срам да се краде. Овде брутално е украдена изборната волја – нагласи Алексиќ.
Тој се осврна и на гласачите кои дојдоа да гласаат во Белград. Како што посочува, причината поради која доцна синоќа на прес-конференција се огласиле е затоа што во Белград има поголеми избирачки места и затоа гласањето траело подолго, па, како што вели, сакале да бидат сигурни во оценката на резултатите.
– Во текот на денот беа објавени неправилности. Арената ја откривме како таква, после што ја испразнија. Проблемот е што Арена не е единствената, Арена беше врвот на ледениот брег…. Ова е доказ за целосниот колапс на државата и за тоа не можеме да молчиме – истакна Алексиќ.