„Црвено-црните“ ангажираа десен бек од Тунис

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

РК Вардар има амбиција да ја врати шампионската титула, а за вториот дел од сезоната најавени се и неколку нови засилувања. Ново име кај „црвено-црните“ е тунискиот десен бек Мохамед Тарик Бакар (23). Тунижанецот со РК Вардар потпиша договор до јуни 2025 и веќе тренира со клубот. Мохамед Тарик Бакар има играно за сите младински селекции на Тунис, а во моментов се наоѓа и на поширокиот список на сениорската репрезентација. Пет сезони игра во сениорската лига на Тунис, и има настапувано за екипите на Клуб Африкан, Олимпик Солиман и Ксур Есеф од каде доаѓа во РК Вардар.

Во актуелниот состав на РК Вардар на десната бековска позиција е македонскиот репрезентативец Томислав Јагуриновски, откако Шпанецот Виктор Алонсо си замина од клуб.

-Планирани се 2-3 нови засилувања на полусезона на дефицитарните позиции во тимот. Ангажиравме десен бек, а во преговори сме и со двајца дефанзивци. За нас е најважно тие да се квалитетни, но пред се да бидат тимски играчи и да се вклопат во нашиот концепт – истакна извршниот директор на Вардар, Борко Ристовски на денешниот брифиг со новинарите.

Како што најави Ристовски, во завршна фаза се и преговорите за продолжување на соработката и со дел од играчите на кои им истекуваат договорите.

-Можам да кажам дека Милан Лазаревски речиси сигурно останува во Вардар, верувам дека по завршувањето на Европското првенство во јануари ќе го верификуваме продолжувањето на договорот. Во преговори сме да го задржиме и Јапонецот Косуке Јасухира за што треба наскоро да разговарам со претседателот на Висла Плоцк – соопшти Борко Ристовски.

Екипата на Вардар го освои првото место во групната фаза од првенството на Македонија и ќе тргне со три бода во плеј-офот во кој ќе се бори за враќање на шампионската титула, што според Ристовски е реално остварлива цел.

– Мислам дека реално имаме тим и квалитет да се бориме за шампионската титула. Можеби пред почетокот на сезоната некои не веруваа дека Вардар повторно ќе биде сериозен кандидат за титулата, но еве резултатите покажуваат нешто друго. Го победивме Еурофарм Пелистер во Скопје, а во Битола загубивме со за нас поволен резултат и завршивме на првото место во групата. Вклучувајќи го и турнирот во Струга, сезонава имаме две победи против Еурофарм Пелистер и победа против Алкалоид, значи може да се бориме и за освојување на шампионската титула – најави Борко Ристовски.

Share This Article