Познатиот француски актер Жерар Депардје, кој пред три години беше обвинет за силување, му е одземена титулата почесен граѓанин на Белгија и на канадската држава Квебек поради шокантен документарец кој изобилува со неговите мизогински коментари, за кој може и да биде лишен и од Легијата на честа.
Депардје потврди дека, преку своите адвокати, ја ставил на располагање високата француска награда на министерката за култура Рима Абдул Малек, која најави дисциплинска постапка против поранешната филмска ѕвезда поради навредливи коментари за жените.
Во петокот, француската министерка ги нарече „одвратни“ коментарите на актерот во телевизиски прилог за неговото патување во Северна Кореја во 2018 година. Во филмот прикажан на почетокот на декември, Депардје ги навредува жените, нарекувајќи ги со погрдни имиња, а не поштедил дури и мало девојче од неговите непристојни коментари.
Жерар Депардје, кој во 1996 година беше одликуван со Легијата на честа од тогашниот француски претседател Жак Ширак, веќе ја загубил титулата почесен граѓанин на белгиската општина Естаимпуи, која била негова привремена резиденција. Во средата го загуби и признавањето на Националниот ред на Квебек.
Депардје веќе е под истрага за обвинение за силување поднесено во 2020 година, а во септември беше покренато ново обвинение за сексуална злоупотреба против поранешниот водечки француски филмски актер, кое се однесува на настани во 2007 година.
Неколку жени го обвиниле наградуваниот актер, кој се појави во повеќе од 200 филмови, за сексуален напад. Депардје целосно ги отфрла сите обвинувања.