Емирот на Кувајт, шеикот Наваф ал Ахмад Ал Сабах почина денеска на 86-годишна возраст, објави кувајтската државна телевизија. Причината за смртта не е прецизирана, но познато е дека тој во ноември бил примен во болница поради неименувана болест.
Неговата позиција како владетел на Кувајт се очекува да ја преземе неговиот полубрат и заменик, шеикот Мешал Ал Ахмад Ал Џабер (83).
Шеикот Наваф Ал-Сабах ја презеде власта во Кувајт по смртта на неговиот претходник Сабах Ал-Ахмад Ал-Сабах во 2020 година, а неговото владеење е едно од најкратките во историјата на оваа земја. Тој имаше репутација на скромност и главно држеше низок профил.
Кувајт, како шеста земја во светот по резерви на нафта, е долгогодишен сојузник на САД, особено од 1991 година, кога американските трупи во Првата Заливска војна ја ослободија земјата од ирачката окупација под водство на Садам Хусеин.
Во Кувајт моментално се стационирани околу 13.500 американски војници, а таму се наоѓа и штабот на американската војска на Блискиот Исток.