Балистичка ракета истрелана од територија под контрола на бунтовниците во Јемен денеска погоди товарен брод во Црвеното Море во близина на стратешки важниот теснец Баб ел Мандеб, неколку часа по нападот во кој беше погоден уште еден товарен брод, соопштија властите.
Ракетниот напад на товарниот брод Em-ES-Si Palatium III (MSC Palatium III) и претходниот напад на товарниот брод Ал Џасра претставуваат ескалација на кампањата што им се припишува на бунтовниците Хути поддржани од Иран во Јемен.
Овие напади ги загрозуваат бродовите кои пловат по клучниот коридор за транспорт на товар и енергија за Европа и Азија од Суецкиот канал до Индискиот Океан.
Бунтовниците од движењето Хути наведуваат дека целта на нивните напади е да се стави крај на жестоката израелска воздушна и копнена офанзива на Појасот Газа, за време на војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас. Сепак, врските со бродовите цел на бунтовниците слабеат додека нападите продолжуваат.
Официјален претставник на американската одбрана и приватна разузнавачка фирма „Ембри“ објавија дека по нападот се запалил товарниот брод „Ем-ЕС-Си Палатиум III“ под либериско знаме. Засега не се знае дали некој на тој брод е повреден.
Во нападот биле истрелани две ракети, а цел најверојатно бил бродот „Ал Џасра“, изјави неименуваниот американски функционер. Едната ракета паднала во вода, а другата ја погодила „Ем-ЕС-Си Палатиум III“, изјави службеникот.
Тој додаде дека не е познато дали претходниот напад на бродот „Ал Џасра“ бил извршен со ракета или со дрон. Германската компанија која стопанисува со бродот „Ал Џасра“ соопшти дека во нападот нема повреден член на екипажот.
Јеменските бунтовници од движењето Хути ја презедоа одговорноста за серијата ракетни напади во последните денови кои за малку пропуштија да погодат товарни бродови во Црвеното Море и теснецот Баб ел-Мандеб.
Товарните бродови се сè повеќе мета на удар, бидејќи војната меѓу Израел и Хамас се заканува да стане поширок регионален конфликт – дури и за време на неодамнешното кратко примирје, чиј крај го зголеми ризикот од нови напади на море.
Речиси 10 отсто од целата нафта што се тргува по морски пат минува низ теснецот Баб ел-Мандеб, кој е широк само 29 километри во неговата најтесна точка. Се проценува дека годишно низ тој теснец поминува стока во вредност од 1.000 милијарди долари.