Апелациониот суд – Скопје ја потврди пресудата на Кривичниот суд дека полицискиот службеник Андреа Ѓорѓиески од Прилеп во март 2018 година фалсификувал службена белешка дека притвореникот Јане Ченто не ја почитувал мерката куќен притвор, која му беше одредена поради предметот „27 април“ и во моментот на проверката не бил дома.
Се констатира дека службеникот од МВР фалсификувал исправа, во која внел невистинити информации. Поради ова, пак, Ченто доби ефективен притвор наместо куќен.
Судот му изрече условна пресуда на полицискиот службеник Ѓорѓиески- казна затвор од една година и шест месеци, која нема да се изврши доколку обвинетиот не стори кривично дело во текот на три години по правосилноста на пресудата.
„На 30.03.2018 година, обвнетиот Андреа Ѓорѓиески како службено лице – униформиран полициски службеник во ПС Прилеп, во службената исправа внел невистинити податоци и таквата исправа ја употребил во службата како да е вистинита, со што му нанел штета на оштетениот Јане Ченто, на начин што истиот ден околу 11 часот, обвинетиот согласно дневниот распоред за работа, и по насока на дежурниот полициски сменоводител со патничко возило се упатил кон куќата во која живеел оштетениот Јане Ченто во Прилеп, со насоки да достави решение за продолжување на мерката куќен притвор и да изврши проверка“ – се вели во пресудата.
Пред критичниот ден, кога Ченто од куќен притвор повторно беше вратен во Шутка, имало неколку кратки полициски проверки. Меѓутоа, во ниту една од нив немало директна комуникација со притвореникот за службеникот да заклучи дека тој не бил дома. Ниту заѕвонил, ниту викнал. Но затоа веднаш бил известен надредениот старешина, како и одговорниот судија дека лицето не било дома.