Гвајана и Венецуела во четвртокот се договорија да избегнат каква било употреба на сила и да не ги ескалираат тензиите во нивниот долгогодишен спор околу областа богата со нафта Есекибо, пишува Гардијан.
Есекибо, кој ја зафаќа речиси половина Гвајана, има површина од 160.000 квадратни километри и во голем дел е покриен со џунгли. Иако е признаен како дел од Гвајана, во последниве години Венецуела се заинтересира за регионот откако се откри дека под почвата има големи количини нафта и гас.
Тензиите се зголемија откако претседателот на Венецуела Николас Мадуро најави дека ќе копа за нафта.
Исто така Венецуела неодамна одржи неуспешен референдум со мала излезност во врска со тоа дали граѓаните сакаат Венецуела да го припои регионот. Сепак, од оние кои се појавија да гласаат, повеќе од 90 отсто заокружија „да“. Ова ги зголеми стравувањата од можен конфликт, а Гвајана, Венецуела, и Бразил ги активираа своите војски на границите со Гвајана.
Сега, со новата заедничка изјава, земјите рекоа дека „во никој случај нема да се закануваат или употребуваат сила една против друга“ и дека „ќе се воздржат, без разлика дали со зборови или со дела, од ескалација на каков било конфликт или несогласување“.
Преговорите ќе продолжат во следните три месеци, најверојатно во Бразил, а истовремено случајот го разгледува Меѓународниот суд на правдата. Претходно, Венецуела ја отфрли јурисдикцијата на овој суд, а тоа уште стои и во заедничката изјава.
Мадуро по средбата со претседателот на Гвајана Ирфан Али и со претставници на Обединетите Нации, Бразил, Колумбија, Заедницата на државите од Латинска Америка и Карибите и карипската унија КАРИКОМ во четвртокот во Кингстаун изјави:
– Беше плоден ден, интензивен, во моменти напнати, каде што можевме да ја кажеме вистината.
Тој му се заблагодари на Али за неговата „искреност и подготвеност да има исцрпен дијалог“.
– Вредеше да се брани вистината за Венецуела- додаде Мадуро, поздравувајќи ја средбата како триумф на дипломатијата.
Али носеше нараквица на која беше прикажана мапа на Гвајана која го вклучува Есекибо и повтори дека спорот мора да се реши преку Меѓународниот суд на правдата(МСП).
– Гвајана не бара војна, но Гвајана го задржува правото да работи со сите наши партнери за да обезбеди одбрана на нашата земја. Двете страни се обврзаа да обезбедат регионот да остане зона на мирот.
Морските области – за кои Мадуро има неодредени тврдења – се одговорни за целокупното производство на нафта во Гвајана. Економијата на Гвајана порасна со тоа производство, кое се очекува да се зголеми тројно на повеќе од 1,2 милиони барели дневно до 2027 година.
Гвајана проба да ги увери инвеститорите на нафта Ексон мобил и Шеврон дека има јуридсикција врз регионот и право да дава концесии и лиценци за тие да ги започнат своите проекти за ископувања.
Од Ексон мобил соопштија дека „не одат никаде“ и дека ќе го почитуваат договорот кој компанијата го има со владата на Гвајана.