Ќе пројде ли уште еден јуни без да добиеме датум за преговори со ЕУ?

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Големи се шансите Бугарија да го повлече ветото за Македонија во мај и на тој начин владата на Кирил Петков да ѝ овозможи на земјава старт на преговорите со Европската Унија. Ова го тврди бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој открива дека планот е на 24 мај Советот за општи работи на ЕУ да даде согласност за старт на преговорите со Скопје и со Тирана, а потоа оваа одлука да биде потврдена на јунскиот Самит на европските лидери.

Дека нешто вакво се крчка говори и силниот притисок што во изминатиов период го трпи нашиот источен сосед од Германија, особено по изјавата на германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, дека Бугарија презела обврска во јуни да го одблокира патот на Македонија кон ЕУ.

Овде, очигледно, повеќе не помагаат ниту демантите од бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска која е член на партијата на Слави Трифонов, Има таков народ, а за која, пак, бугарските медиуми сега отворено пишуваат дека ќе биде сменета од министерската позиција и дека на нејзино место најверојатно ќе биде назначена Весела Чернева, актуелна советничка на премиерот Кирил Петков.

Според бугарскиот аналитичар Владимир Владимиров, ваквото разногласие отвара многу прашања.

– Бугарското општество и македонското општество сега не знаат што да мислат. Еден ден министерката Генчовска кажува едно, а веќе следниот ден кажува друго. И сега во бугарската јавност излезе информација дека е сосема можно премиерот Кирил Петков да ја смени министерката Генчовска со друг поискусен и посериозен дипломат – вели Владимиров.

Симонида Кацарска од Институтот за европска политика, пак, во интервју за Сител вели дека моментот со конфликтот во Украина, како и промената на владите во Берлин и во Софија, придонесуваат Германија посилно да инсистира за решавање на спорот со Македонија.

– Времето е кратко, јуни е блиску, а тука е и големиот прашалник во поглед на француските избори кои ќе бидат клуични за правецот по кој ќе се движи Унијата – објаснува Кацарска.

Масло на огнот фрли и вчерашната изјава на македонскиот шеф на дипломатијата Бујар Османи, кој ја информираше јавноста дека постои некаков договор кој е прифатлив за нас.

– Да, има еден таков документ што ние сме спремни да го прифатиме, меѓутоа чекаме да добиеме одговор дали е прифатлив и за Бугарија – рече Османи.

- Advertisement -
Ad image
==

Бугарското МНР, пак, денеска го демантираше македонскиот министер и тврди дека Македонија веќе била информирана оти предлозите се неприфатливи за Бугарија. Оттаму велат дека „кога ќе има изгледи за значителен напредок, бугарската страна ќе испрати свој контрапредлог.

Поранешниот македонскиот амбасадор Ристо Никовски во разговор за Плусинфо вели дека шансите Бугарија да го повлече ветото во јуни се еднакви на нула.

– Никогаш не вели никогаш, меѓутоа изгледите нешто да биде преземено и започнато до крајот на јуни оваа година се многу мали. Во принцип, во Бугарија нема спремност да се тргне ветото и таму се формира една тешка внатрешно-политичка бура. Софија ќе продолжи да тактизира, факт е дека трпи огромен притисок од Германија, но никој не може да ја присили да преземе чекори кои се спротивни на нивните национални интереси и мислам дека таа политика ќе продолжи. Неспорно е дека Македонија ќе продолжи со своите капитулантски политики и предлозите кои ѝ се даваат на Бугарија се горе-долу слични на германскиот и на португалскиот предлог кои беа неприфатливи за нас – објаснува Никовски.

- Advertisement -
Ad image

Бугарскиот претседател Румен Радев ја повтори цврстата позиција дека за Бугарија е исклучително важно да се придржува до националниот рамковен став во својата надворешна политика кон Македонија, до декларацијата на Парламентот, како и до консензусот постигнат од Советодавниот совет за национална безбедност.

– Се надевам дека ќе ја задржиме оваа политика, бидејќи тоа е единствената гаранција дека имаме одржливост и неповратност на интегративниот процес на Република Северна Македонија – рече Радев.

И додека македонските преговори со ЕУ висат во воздух, за утре е најавена посета на бугарска делегација на Битола каде што свечено ќе се отвори клубот на бугарскиот Културен центар „Иван Михајлов“. Делегацијата ќе ја предводат премиерот Кирил Петков и потпретседателката на државата Илијана Јотова, а во неа ќе бидат и шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска, нејзината поранешна колешка Екатерина Захариева, како и лидерот на ВМРО, Красимир Каракачанов.

Засега не е познато дали бугарскиот премиер Кирил Петков ќе се сретне со македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

– За време на посетата во државата, доколку се договорат и доколку има официјални средби помеѓу функционерите од Северна Македонија и Република Бугарија, ќе бидете навремено известени – кратко ни одговорија од Владата.

БУГАРСКОТО МНР ГО ДЕМАНТИРА ОСМАНИ Македонија е информирана дека нивните предлози се неприфатливи

Share This Article