Претседателот Стево Пендаровски денеска во Скопје се обрати на шестата пленарна конференција на Националната конвенција за Европска Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК), на тема „Национална конвенција за Европска Унија: Темелните општествени вредности за европска иднина“.
Во своето обраќање претседателот Пендаровски истакна дека суштината или резонот на интеграциите е да се издигне владеењето на правото како врвна вредност во општеството и државата, посочувајќи дека борбата против корупцијата, не само во нашиот случај, најефикасно се води кога државата е фокусирана на европските интеграции. Затоа, според претседателот Пендаровски, ниту геополитичкиот контекст, ниту економската или енергетска криза, ниту блокадите на интеграциите не смеат да нè дефокусираат од оваа цел.
Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.
Видео-материјал:
Обраќање – https://youtu.be/jJ882jFJKLk
Почитувани домаќини, организатори,
почитувани присутни,
Ценети екселенции,
Дами и господа,
Деновиве, како што знаете, заврши скринингот за степенот на усогласеност на македонското законодавство со европското. Очекуваме, во овој процес да бидат децидно дијагностицирани сите наши системски пропусти и недостатоци и да биде даден патоказ за понатаму. Меѓутоа општ заклучок е дека не е доволно направено за клучното поглавје – владеење на правото и фундаменталните права кои се алфа и омега на европските интеграции.
Со нив започнуваат и завршуваат преговорите бидејќи тие се провлекуваат буквално низ секоја сфера. Неодамна и извештајот на Европската комисија констатира дека немаме напредок на ова поле. А, онаму каде што не владее правото, владеат парите.
Почитувани,
Евидентно, кај нас прилично фреквентно се говори јазикот на корупцијата. Според истражувањето на јавното мислење спроведено од Македонскиот центар за меѓународна соработка, барем една третина од македонските граѓани изминатава година биле изложени на коруптивен притисок и за жал, според истото истражување, овој јазик го „зборуваат” дури четвртина од нашите граѓани кои подлегнале на притисокот и влегле во некаква коруптивна трансакција на пари, врски и влијание. Притоа, не станува збор само за големи, туку и за мали, навидум занемарливи суми. Меѓутоа, корупцијата е корупција, независно дали станува збор за 500 денари или 500.000 денари.
За жал, многу врати се отвораат и многу услуги стануваат достапни за оние кои го разбираат јазикот на корупцијата. За разлика од нив, оние кои не се дел од тој ланец се честопати дискриминирани, бидејќи не можат да ги остварат своите права и да дојдат до оние услуги што им следуваат по закон. А, многу млади кои не можат да напредуваат врз основа на сопственото знаење, квалификации и вештини, едноставно си заминуваат од државава.
Ефектите од корупцијата се засилуваат преку правните дупки и нејаснотии, што лесно се злоупотребуваат за да се корумпира и за да се избегне одговорноста. Загрижувачки е кога примената на правото, зависи од „вештината“ на толкување на оние кои треба да го имплементираат, па, често законската терминологија добива различно, некогаш и спротивно значење од изворното. На крајот од денот, одговараат оние кои се огрешиле пред законот, но, кои немаат со што да „тргуваат“ за да ја откупат својата слобода.
За оваа загрижувачка состојба придонесува и нерешителноста на поединци во надлежните институции да поведуваат постапки против оние за кои постојат основи на сомневање, но, кои имаат статус на недопирливи во општеството.
Се стекнува впечаток дека САД и Европската Унија се поревносни борци против корупцијата кај нас од некои наши институции и поединци во нив. Освен што со години вложуваат во обуки на вработените во македонскиот правосуден систем, тие повремено посегаат и по санкции како што е т.н. црна листа во која САД ги сместуваат лицата за кои сметаат дека се инволвирани во корупција.
Меѓутоа, странските санкции не се доволни, не само затоа што не се проследени со домашни санкции. Имено, ние се соочуваме со многу подлабок проблем бидејќи корупцијата во меѓувреме стана начин на живот за многумина или како што неодамна ја опиша холандскиот амбасадор, станува збор за менталитет на луѓето кој мора да се менува. При тоа, не треба да изоставиме уште неколку други елементи.
Прво, и кога се поведени, истрагите и процесите на висока корупција се исклучително бавни и неизвесни. Одбраната на овие лица ја користи секоја процедурална алатка за да ги пролонгира судењата и за тоа наоѓа разбирање кај еден дел од судиите, со што, се засилува перцепцијата кај граѓаните дека правдата е бавна, но, недостижна.
Второ, дури и малубројните успешно завршени судски процеси се ограничени на конкретни личности и конкретни дејствија направени во конкретниот временски период, при што, речиси секогаш отсуствува континуитет во акциите на државата особено по промените на власта на централно или на локално ниво. Ваквите вакуум-периоди практично ги поништуваат ефектите од ретките успешно завршени случаи на корупција кај носителите на јавни функции.
Трето, и најважно, институционалните практики и културата кои ја овозможуваат системската корупција можат да се променат само од внатре. Или со други зборови, неопходно е етичко лидерство во самите институции.
За драстично редуцирање на корупцијата мора да инсистираме не само на истраги, туку на правосилни пресуди бидејќи на тој начин се покажува дека законите важат подеднакво за сите, дури и за најмоќните и најбогатите.
Понатаму, во секој оддел, сектор и институција со помош на антикорупциските тела, невладиниот сектор и јавноста, мора да се гради култура на професионален и личен интегритет на секој вработен поединец во тие институции, но, и на институциите во целина.
Ако не го правиме ова во континуитет, малубројните успешно завршени судски случаи ќе бидат само кратко затишје пред нова коруптивна бура.
Ценети присутни,
Суштината или резонот на интеграциите е да се издигне владеењето на правото како врвна вредност во општеството и државата. Борбата против корупцијата, не само во нашиот случај, најефикасно се води кога државата е фокусирана на европските интеграции. Затоа ниту геополитичкиот контекст, ниту економската или енергетска криза, ниту блокадите на интеграциите не смеат да нè дефокусираат од оваа цел.
Знаеме дека според самата своја природа, европската интеграција не може да биде цел и приоритет само на една политичка гарнитура. Тоа е национален проект што беше поддржан уште од почетокот на македонската независност.
Затоа, апелирам до сите политички чинители, како од власта, така и од опозицијата, конструктивно да се вклучат во процесот и да придонесат за негово непречено одвивање. Како натпартиски потфат, европските реформи можат да ни помогнат да ги вратиме општото добро и јавниот интерес во јадрото на политичкиот дискурс и практика.
Старо правило е дека заедно можеме да го постигнеме она што засебно не можеме. А национален императив број еден е да спроведеме сериозни реформи за да отвориме нови можности не за нас лично, туку за сите македонски граѓани.