More

    Ќе се трудиме домаќинствата да не почувствуваат ценовен шок, вели Регулаторната комисија

    spot_img

    Согласно добиените барања од компаниите, зголемувањето на цената на струјата би било за 27%, соопшти денеска Регулаторната комисија за енергетика.

    Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски на прес-конференција рече дека почнуваат анализите за цената на струјата и дека до крајот на следната недела се очекува да се донесат цените за МЕПСО, МЕМО и Електродистрибуција.

    Барања поднеле овие три компании, но дел од нив, како што рече Бислимовски, не се целосни поради тоа што тендерот за набавка на електрична енергија за покривање на загубите кај МЕПСО треба да се реализира до крајот на оваа недела, а исто така и Електродистрибуција го доставила барањето пред да го реализира нивниот тендер поради што во нивното барање ги нема податоците за трошокот за набавка на електрична енергија за покривање на загубите.

    – Затоа РКЕ не може точно да каже колку МЕПСО побарал и колку има побарано Електродистрибуција. Исто така имаме информација кај тендерот за универзалниот снабдувач дека ЕСМ понудил цена и веќе тоа е цена која ќе се реализира од 57 евра за мегават час наместо претходните 53 евра за мегават час и наместо обезбедување на вкупните потреби од 100 проценти за домаќинствата и малите потрошувачи, ќе биде 95 проценти, појасни Бислимовски.

    Потоа согласно измените на Законот за енергетика, универзалниот снабдувач ќе треба да направи пресметки кои треба да ги достави на контрола во РКЕ.

    – Во таа контрола имаме право да донесеме и посебна одлука со точно утврдени забелешки и таа одлука ќе биде обврзувачка за универзалниот снабдувач. Ќе бидеме максимално транспарентни и нема да дозволиме граѓаните да почувствуваат ценовен шок – рече Бислимовски.

    Тој информира дека се очекува намалување на мрежарината за 30%, а воведувањето на новата ставка „пристап до електрична енергија“ е поради обезбедување поголема правична распределба на трошоците или може да се рече е „данок на луксуз“, зашто ќе ги засегне граѓаните кои имаат викендички, повеќе станови кои не ги користат и трошат многу малку струја како и за иселениците кои имаат куќи во земјава кои не користат струја.

    Како што беше речено, Регулаторната комисија за енергетика размислува дали оваа ставка да изнесува 50, 150 или 200 денари. Колкав ќе биде износот ќе зависи од другите параметри при формирањето на новата цена на струјата која ќе се применува од 1 јануари.

    – Со оваа давачка се придонесува прво за поправична распределба на трошоците за одржување на мрежата. Сите да плаќаат соодветно и второ привилегираните потрошувачи кои поседуваат викендички или не трошат струја ќе плаќаат за тоа што Електродистрибуција троши за одржување на мрежата. За околу 240.000 мерни места кои не трошат струја или трошат малку, дистрибуција обезбедува струја – рекоа денеска на прес-конференција.

    Од Регулаторна велат дека не може да се поистоветува надоместокот за приклучок на мрежа со надоместокот за „пристапот на мрежа“.

    – Сите ние плаќаме приклучок 350 од 500 евра, тоа е само за поврзување на мрежата, а покрај тоа Електродистрибуција има трошоци за одржување. Поврзувањето на мрежа не може да ги покрие оперативните трошоци на електродистрибуција. Парите за приклучок се за да се направи приклучок, а не за да се обезбеди електрична енергија. Вие можете да не користите струја, но имате право да користите. Тоа право да го остварите треба да се одржува мрежата, кој ќе ги покрие тие пари? Треба останатите да платат – појаснија од Регулаторна.

    Оттаму додаваат дека и други компании-банки, телекомуникациски компании и слично наплаќаат различни надоместоци, а сличен надоместок имало и во поранешна Југославија наречен „сијалично место“ кој се плаќал во периодот на мала потрошувачка на струја и кога имало високи трошоци за одржување на мрежата.

    Бислимоски појасни и дека од собраните пари од оваа ставка ќе се финансира одржувањето на мрежата, а нема да биде приход на „Електродистрибуција“.

    – Никој нема да заработува пари од она што како цена ќе го определи РКЕ. Надоместокот ќе значи намалување на цената на мрежарината – нагласи Бислимоски, апелирајќи да не се подлегнува на шпекулации.

    Енергетски експерти, пак, велат дека оваа е незаконска и измислена давачка со која се покриваат загубите на енергетските компании поради високиот број на неплаќачи на струја и повисоката цена на гасот во приватната компанија Те-то.

    – Ова е измислена давачка која не е утврдена со закон. Со неа се сака да се покријат неплатените сметки за струја во одделни региони кои се толерираат поради политички причини и треба да се покријат загубите на приватната компанија „Те-то“ предизвикани од повисоката цена на гасот. На овој начин трошоците на неплаќачите се распределуваат на сите кои плаќаат редовно струја – вели Маријан Ненов од невладината организација „Но пасаран“.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img