Шансите да се кандидирам за втор мандат денеска се поголеми отколку да не се кандидирам

Lorita
By Lorita 3 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Ако ме прашувате денес, шансите да се кандидирам се поголеми отколку да не се кандидирам, одговори претседателот Стево Пендаровски во интервјуто за „360 степени” на МРТ 1, на прашањето дали повторно ќе се кандидира на претседателските избори следната година.

Само пред 5 дена, на 6 декември, прашан дали размислува да се кандидира за нов мандат, тој кусо одговори „не“. Неколку часа подоцна се дообјасни дека негативниот одговор се однесува на тоа дека во деновите на тага за свирепите убиства не може да размислува на таа тема.

Според него, поддршката од политичките субјекти, но не помалку, ако не и повеќе, поддршката од граѓаните, ќе бидат клучни во носење на неговата одлука.

– Во 2014 година зад мојата кандидатура застанаа 18 политички партии, во 2019 застана 31 политичка партија. Повторно, само со поддршка на политичките партии не е можно да бидете претседател. Потребен е и граѓанскиот дел, што не е врзан со политичките партии, да се реши да ви даде глас, затоа што само со збирот, или акумулацијата на само партиските електорати, не може да станете победник – изјави претседателот Пендаровски.

Според претседателот, добра одлука е претседателските и парламентарните избори да се одржат заедно, пред сѐ од финансиски аспект, како и поради обезбедување на подобра политичка мобилизација и излезност на граѓаните, што е важно и за легитимитетот на избраните политичари.

– Не може некој да ме убеди, ако вие имате рејтинг, или ако немате рејтинг во април, вие ќе го додадете или изгубите во јуни  –  одговори претседателот коментирајќи дека за него не игра голема улога дали изборите ќе бидат двојни или поединечни, доколку се кандидира за втор претседателски мандат.

Во однос на прашањето дали смета дека ДУИ може да ги мобилизира своите гласачи ако го поддржат на претседателските избори, претседателот изјави дека сите албански политички партии ќе имаат проблем да го мобилизираат своето членство, ако во вториот круг останат двајца Македонци.

Тој смета дека резултатите од анкетите не се лоши, но се однесуваат на претпоставената сила на политичките субјекти, а она што потешко се мери е граѓанскиот електорат, кој не е поврзан со политичките партии, а коишто на анкетите, над 60 отсто се изјаснуваат дека во принцип не се заинтересирани за гласање.

Share This Article