Кина наспроти целиот свет кој се бори со инфлацијата, се бори со падот на цените. Индексот на потрошувачките цени во оваа земја во ноември падна за 0,5% во однос на претходната година, што е најголем пад од ноември 2020 година, според податоците објавени од Националното биро за статистика на Кина.
Податоците покажуваат дека падот на цените е повисок во однос на октомври кога изнесуваше 0,2% во однос на претходната година.
– Дефлациската ситуација во Кина се продлабочува со тројниот удар на домашните цени на храната, меѓународните корекции на цената на нафтата и слабата домашна побарувачка- велат аналитичарите.
Цените на храната во ноември паднаа за 4,2% во однос на претходната година. Забавена е и инфлацијата кај услугите. Зголемувањето беше 1% на годишно ниво минатиот месец, во споредба со зголемувањето од 1,2% во октомври. Индексот на цените на производителите (PPI), кој главно е поттикнат од цените на стоките и суровините, падна за 3% во ноември, паѓајќи 14 месеци по ред.
Зголемениот дефлациски притисок фрли дополнителен сомнеж за економското закрепнување на Кина.
-Нема време за двоумење за да се спречи маѓепсан круг помеѓу дефлацијата, довербата и активноста – велат аналитичарите.
Ова го алармираше Пекинг да покрене акција за подобрување на побарувачката и спречување на надолна спирала на цените.
Кон крајот на минатиот месец, Пан Гонгшенг, гувернер на Народната банка на Кина, изјави во Хонг Конг дека Кина ќе ја задржи монетарната политика „прилагодлива“ за поддршка на економијата и дека очекува потрошувачките цени да се зголемат во наредните месеци.
Пред два дена, пак, највисоките претставници на Кина се собраа на состанок на Политбирото и ветија дека ќе направат повеќе за зајакнување на домашната побарувачка и зголемување на потрошувачката. Состанокот на Политбирото, заедно со годишната Централна економска работна конференција (CEWC) што се очекува кон крајот на овој месец, обично го одредува тонот за економската политика за следната година.
-Инвеститорите очекуваат повеќе детали од CEWC за економската политика за следната година – велат аналитичарите, додавајќи дека очекуваат „неминовно“ намалување на коефициентот на задолжителната резерва и каматните стапки.