Конфликтот во Газа може да им наштети на економиите на соседните земји, предупреди Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), нагласувајќи ги можните нарушувања во регионалниот туризам и трговија.
Туризмот би можел да се намали во соседните земји, а постои и можност за повисоки цени на нафтата и гасот, изјави во четвртокот во Вашингтон Џули Козак, шефица за комуникации во ММФ.
Можни се и нарушувања на финансиските пазари и регионалните трговски патишта, што би резултирало со повисоки трговски трошоци, додаде Козак.
Од глобална перспектива, економските последици засега се релативно ограничени, но ситуацијата е „многу неизвесна“, продолжи таа.
Најтешко ќе бидат погодени економиите на Израел и на палестинскиот Западен Брег и Појасот Газа, но крајниот опсег на негативните последици ќе зависи од времетраењето и интензитетот на конфликтот, рече Козак.
Таа посочи дека ММФ е „шокиран и тажен од хуманитарната ситуација и загубата на човечки животи во конфликтот“.
Израел започна голема воена операција по упадот на палестинската милитантна група Хамас на израелска територија, во кој беа убиени 1.200 луѓе. До оваа недела, според палестинските тврдења, речиси 17.200 луѓе се убиени во нападите на израелските вооружени сили.