Амстердам е првиот град во Холандија кој воведе ограничување на брзината од 30 километри на час на повеќето улици за да го направи градот побезбеден и помалку бучен, а мерката стапува на сила во петок.
Членот на градското собрание Мелани ван дер Хорст, задолжена за сообраќај, објаснува дека оваа мерка е неопходна поради се поголемиот број луѓе во градот.
Минатата година се случиле околу 4.800 несреќи за кои била потребна итна помош, додека 15 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди.
Ограничувањето на брзината ќе важи на околу 80 отсто од градските улици, а на главните сообраќајници ќе биде дозволена брзина од 50 километри на час.
Исклучок се и градските автобуси, трамваи и такси, но само доколку има посебна лента за нив.
Бројот на жители, кој моментално е околу 800.000, се зголемува. Исто така, Амстердам годишно го посетуваат околу 20 милиони туристи.
Градот исто така промовира велосипедизам и пешачење, а многу улици во центарот на градот се затворени за сообраќај и претворени во пешачки и велосипедски зони.