Каде стигна македонскиот туризам во регионални и во европски рамки?

Lorita
By Lorita 9 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Каде стигна македонскиот туризам во регионални и во европски рамки? Државата вели дека се приклучуваме кон светот и остваруваме сѐ повисоки приходи во туризмот, но туристичките работници прашуваат што направи државата за да ги мултиплицира бројките кои тие со жестока работат се трудат да ги остварат.

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) се пофали дека туристичката индустрија во македонската економија инкасираше 471,59 милиони долари заклучно со септември годинава.

„Туристичкиот промет покажа раст и во третиот квартал за 2023 година и изнесува 241,86 милиони долари во македонската економија, со раст од 26,2% споредбено со истиот период 2022 година. Вкупно трите квартали за 2023 година имаат раст од 25% споредувано со периодот од изминатата година, односно 471,59 милиони долари прилив од туристичкиот промет во БДП-то“, се наведува во соопштението.

Директорот на АППТ Љупчо Јаневски смета дека веќе не станува збор за закрепнување, туку за туристички сектор во полна кондиција за што, вели, сите заедно работевме изминативе три години.

– Резултатите од трите квартали не само што даваат право да изјавам дека ќе ги надминеме предвидените 530 милиони долари за 2023, туку и проектираните 550 милиони долари за 2024 година. Чудата се возможни, а тие да се случат потребно е да веруваме во себе и другите и континуирано да постигнуваме ситни, мали победи на секое поле – изјави Јаневски.

Туристичките работници, пак, велат дека бројките се добри, но состојбата во туризмот е далеку од закрепнувачка по загубите што ги доживеа во 2020 година која можеше да биде дури поуспешна за 20 отсто од 2019 година која се смета за најуспешна година за туризмот.

– Верувам во податоците, но сметам дека сè уште не сме го надминале огромниот минус од 90% што го направивме во 2020 година кога поради затвореноста на државата и ригидната политика во однос на туризмот ни пропаднаа договорите за донесување туристи кои ветуваа 20% поголеми приходи од најдобрата 2019 година. Во таа година (2020), на пример, соседна Албанија беше отворена за туристи и имаше најдобра година, а ние ги изгубивме сите договори. Нашите тогашни партнери побараа партнери во други земји и сега многу тешко можеме да ги вратиме назад и да се вратиме на тие бројки. Сега нашиот пазар го покриваат странски туристички агенции, наместо нашите туристички агенции да ги носат директно туристите, односно без посредници – вели Дончо Нацевски од туристичката агенција „Арбо травел“.

Според него, она што треба да го направи сега владата е да обезбеди повеќе пари за туризмот за учество на големите саеми за туризмот, да изготви вистинска стратегија, но и да го либерализира визниот режим кој е најголемиот сопирач за зголемување на бројот на странски туристи.

– Ние како фирми воведуваме е-бизнис работење со кое го намаливме бројот на вработени за 50%, но како држава не воведуваме е-виза како што тоа го направија повеќе туристички земји. На пример, Мароко, Дубаи… кои веќе имаат е-виза. Либерализацијата на визниот режим или воведувањето на е-виза ќе го олесни добивањето на туристичка виза за голем број земји кои се главни патувачки земји. Туристите кои сакаат да дојдат во земјава од повеќето африкански земји нема да мора да одат во Египет за да аплицираат за виза, па дури потоа да дојдат во Македонија или оние од кинеските провинции да патуваат во Пекинг за да земат македонска виза. Тоа е губење време и пари и секако губење туристи кои би дошле во земјава. Нив наместо во земјава ги гледаме на балканските тури во соседството. Приватниот сектор е оставен сам да се снаоѓа и да го плаќа претставувањето на саеми во странство. Губиме големи саемски манифестации каде што секоја туристичка агенција би сакала да биде. И не само тоа, проблем е што не го гледаме туризмот како значајна гранка – додава тој.

- Advertisement -
Ad image

Нацевски очекува дури во 2025 година да закрепне туристичкиот сектор во земјава.

– До тогаш можеби ќе успееме да ја анулираме негативата направена во 2020 година и да зборуваме дека сме закрепнале и може да одиме на високи бројки. Сега сме во негатива од 65% а тоа е далеку од закрепнување – вели тој.

Влатко Сулев, генерален менаџер на Balkan Prime Tours и претседател на Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ), вели дека она што го постигнува земјава во туризмот е само ронки во однос на она што го постигнува регионот.

- Advertisement -
Ad image

– Не може да имаме лоши бројки во туризмот кога Балканот е топ дестинација, а одделни земји во регионот Албанија и Хрватска се на врвот на светскиот туризам. Но во однос на овие земји ние реализираме само малку и тоа на нивна сметка. Од сиот туризам кој се реализира на Балканот ние добиваме само трошки, бидејќи не сме подготвени да се вклучиме во тие текови. Не е тајна дека дел од туристите кои доаѓаат во Албанија доаѓаат и во Македонија – вели тој.

Сулев додава дека државата мора да се запраша колку таа направила или не направила овие бројки да се остварат во туризмот.

– Кога се фалиме со бројките кои годинава се далеку повисоки од ланските треба да имаме предвид дека нашите бројки од најуспешната 2019 година се споредливи само со бројките што годинава ги постигна една туристичка дестинација во Албанија – градот Берат. Таму годинава престојувале 800.000 туристи што е дури повеќе од она што го имавме ние во 2019 година од 750.000 туристи. Овој град нема ниту море, ниту езеро, а нема ни подобра инфраструктура од нашата, но е посетен. Албанија годинава ја посетиле повеќе од 13 милиони туристи, а учеството во БДП на туризмот е близу 30%. А што зборува тоа? Дека државата работела многу на туризмот. Со што може да се пофали во тој однос нашата држава? – прашува Сулев.

Тој додава туристичките работници веќе не се занимаваат со тоа што прави државата туку напорно работат за да останат на пазарот и да бидат први во одделни региони за да можат да ги диктираат правилата.

– Жестоко се бориме, ги јакнеме капацитетите и кадарот, бараме помош од влијателни компании, отвораме нови пазари на кои сакаме да бидеме први и да ги имаме привилегиите што ги носат првите на пазарот, бидејќи тие одлучуваат каде и колку ќе останат туристите и во која држава кога се договараат балкански и слични тури. Последното наше претставување го имавме во Сингапур и во Малезија каде што пред туристичките работници ги претставивме нашите програми. Се сретнавме со по 50 претставници од двете земји и бевме пријатно изненадени од интересот – додава тој.

Во најуспешната 2019 година бројот на туристи во земјава изнесуваше 757.593, а девизниот прилив изнесуваше 395,95 милиони долари. Во првата година од ковид кризата земјава ја посетиле 118.206 туристи или-84,4% со прилив од 252 милиони долари. Во 2021 година која беше подобра од 2020 година минусот во туризмот се намали на-61%, а приходот од туризмот во три тримесечја изнесуваше 298 милиони долари. Лани туризмот остари приход од 376 милиони долари во трите квартали од годината.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во септември 2023 година изнесувал 124.800, од кои 27,9% биле домашни туристи, а 72,1% странски туристи.

Во периодот јануари – септември 2023 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите бил зголемен за 21,8%, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 0,5%, а кај странските има зголемување за 40,3%.

Share This Article