Убиството на Вања Ѓорчевска потсетува на случајот во кој беше убиена 15-годишната Тијана Јуриќ во Србија, истакнува таткото на српската тинејџерка Игор Јуриќ од српскиот Ценатр за исчезнати лица. Јуриќ истакнува дека животниот век на детето во вакви случаи обично е до четири часа, јави дописникот на МИА од Белград.
Игор Јуриќ за ТВ Нова откри дека внимателно го следел овој случај со оглед на тоа што имало голем интерес и контакти од македонските медиуми и дали можел да понуди некоја конкретна помош.
– Се обидов во неколку наврати пред сѐ да стапам во контакт со мајката на Вања, да поразговарам со неа и да видам како можеме да пружиме помош. За жал, не успеав и сега ми е уште потешко поради тоа. Имаше секако интерес од македонските медиуми, нивните интереси се сведуваа на системот што неодамна го воведовме кај нас во Србија поврзан со брза и ефикасна потрага и известување на јавноста во случајот со исчезнати деца и тоа беше тоа. За жал, имав можност да се информирам исклучиво како огромното мнозинство граѓани на Србија преку медиумите – рече Јуриќ и додаде дека случајот на Вања потсетува на оној на неговата Тијана (15), киднапирана, силувана и убиена пред 9 години.
Тој верува дека има многу сличности и дека она што е речиси идентично со случајот на неговата ќерка е тоа што кога станува збор за криминално киднапирање, постои една статистика според која киднапираните деца обично преживуваат околу 4 часа.
– Тоа е дека животниот век на детето обично е до четири часа и тоа се покажа и во случајот со ова девојче, колку што можам да заклучам дека многу брзо го загубила животот во истиот ден од моментот кога била киднапирана. Така беше и со нашата Тијана и затоа таа брза и ефикасна потрага е повеќе од важна – изјави Јуриќ од Центарот за исчезнати и малтретирани деца.