Бугарскиот претседател Румен Радев стави вето и го врати на нова расправа во парламентот законот со кој Бугарија бесплатно ѝ обезбедува на Украина оклопна транспортна опрема. Радев го образложи ветото со зборовите дека пратениците не биле доволно запознаени со конкретните параметри на донацијата, што им оневозможува објективно да проценат дали обезбедената опрема повеќе не е потребна.
Во јули пратениците донесоа одлука Министерството за внатрешни работи да и обезбеди на Украина 100 оклопни транспортери кои се надвор од употреба. Во ноември парламентот го одобри договорот постигнат во август меѓу Министерството за надворешни работи и украинското Министерство за одбрана.
Неколку минути по соопштението од претседателството, премиерот Николај Денков изјави дека мнозинството во парламентот ќе го отфрли ветото.
Радев во ветото нагласува дека не биле земени предвид воените задачи доделени на Министерството за внатрешни работи, ниту потребите на Граничната полиција и противпожарната заштита.
ГЕРБ го осуди ветото наведувајќи во соопштението дека „демократијата и слободата не можат да се бранат и одбранат со политичко лицемерие и со различни позиции за надворешна и внатрешна употреба“.
Како и што се очекуваше, социјалистите од БСП оценија дека ветото било исправно и го поддржаа. БСП има јасно проруски ставови околу војната во Украина.