ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија поднеле 250 амандмани на предлог буџетот за селдната година со цел буџетот да се насочи кон граѓанскоцентрични иницијативи, а не, како што најавија од партијата, за сомнителни деловни зделки.
-Тоа се реални проекти кои се потребни за граѓаните кои не ги испланирала власта за буџетот во следната година- рече пратеникот Здравко Трајанов од ВМРО- ДПМНЕ, на почетокот на денешната расправа за предлог буџетот за 2024 година.
Од партијата тврдат дека со овој буџет ќе се исцрпат пари кои треба да завршат во партиски компании. Од ВМРО-ДПМНЕ се сигруни и дека вака планираниот буџет нема да може да се полни од даночните приливи Буџетот, велат од партијата, ќе придонеси и за зголемување на јавниот долг за дополнителни 540 милиони евра.
Предлог-буџетот за следната година тежи 5,5 милијарди евра. Владата го карактеризира како развоен и одржлив Буџет кој ги има сите карактеристики за истовремено да го поддржи развојот, но и да ја обезбеди фискалната одржливост.
Министерот за финансии Фатмир Бесими во експозето рече дека буџетот обезбедува услови за одржлив економски раст, продолжување на фискалната консолидација и зацврстување на фискалната одржливост, поддршка на стандардот на граѓаните и ранливи категории граѓани и стопанство, како и интензивирање на конвергенцијата на земјата кон ЕУ.
-Стратегијата за заздравување, а понатаму и за забрзување на растот се заснова, прво и основно, на поттикнување на развојот преку силен инвестициски циклус, чиј носител е јавниот сектор, преку крупните инфраструктурни проекти, но исто така и приватниот сектор, кој ќе биде поддржан преку буџетските политики. Второ, клучно е обезбедувањето фискална одржливост, преку континуирана фискална консолидација, но воедно и енергетска одржливост, одржливост во земјоделството и воопшто во економијата, преку водење зелена економија – рече Бесими.
Тој потенцира дека најважно е што во буџетот се менува структурата, односно дека од минатата година нивото на капитални расходи е два пати повисоко во однос на 2020 година и дека таквата тенденција е задржана и во Буџетот за 2024 година. Од друга страна, како што наведе, буџетскиот дефицит е речиси за една третина намален во однос на проектираното ниво за оваа година, односно на ниво од 3,4% од БДП, од кој само половина е примарниот, односно 1,7% од БДП, додека другата половина оди за плаќање камати за долг акумулиран од минатото до сега.
Во Комисијата за финансирање и буџет, расправата по Предлог-буџетот трае 10 работни дена, по што се праќа на разгледување и усвојување на пленарна седница на Собранието. Согласно утврдените рокови Буџетот за наредната година треба да биде усвоен во Собранието најдоцна до 31 декември.