Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред денешната лидерска средба истакна дека најголемата опозициска партија останува на своите позиции.
-Денеска треба да се одржи состанок на кој очекувам да се разговара за тоа кое што претходно го најавуваше Ковачевски. Денеска е тежок ден и за Македонија и за сите нас. Немам зборови со кои можам да ја изразам сопстевната болка. Нема зборови со кои што може да се изрази болката , а истовремено да се утешат најблиските кои што за жал, изгубија двајца драги луѓе. За мене претставува тежок момент и како родител и како човек, посебно сум разочаран и згрозен од тоа што бев избрифиран и делумно го гледав, а што претставуваше прес конференција на оние двајца луѓе пред некоја минута. Таму слушнавме енциклопедиски информации без ниту еден конкретен доказ, ниту нешто што МВР и Обвинителството требало да го преземат. Тежок ден и изразувам мое најдлабоко сочувство до семејствата на трагично загубените човечки животи – рече Мицкоски.
Во однос на денешниот состанок, Мицкоски потенцираше дека очекува уште една „гимнастика од Ковачевски и владините партнери“ и дека се залудно изгубени неколку недели.
-Немаме други позиции од оние што беа кажани во јавноста. Очекувам да видам и да слушнам уште една гимнастика од Ковачевски и владините партнери. Јас побарав лидерска средба во формат кој што тие ќе го изберат уште многу одамна. Правеа обиди за политички гимнастики повеќе недели, за на крај пак да завршиме на една таква лидерска средба. Изгубеното време не можеме да го вратиме. Но, за жал тоа изгубено време не чини уште некоја недела неспособна и криминална власт. За неколку месеци од денеска ќе дојде крај и ќе има одговорност – посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски истакна дека уставни измени нема да има додека нема јасен европски пат и посочи дека прашањето за техничката влада и за уставните измени не се предмет на денешната средба.
– Јас не се шегувам со тоа што го кажувам како наша позиција. Бидејќи вчера политичар на заминување имаше интервју на еден национален медиум и кажа дека е сигурен и тврди дека ќе има уставни измени дали сега или за шест месеци. Јас тврдам дека уставни измени нема да има додека немаме јасен европски пат и додека не видиме јасно поместување на хегемонистичките и асимилаторски политики на нашиот источен сосед кон Македонија. Техничката влада не е предмет на оваа средба. Јас колку што знам предмет на оваа средба не се ни уставни измени, ни техничка влада, туку предмет на оваа средба се датум за парламентарните и датум за претседателските избори – рече Мицкоски.
На лидерската средба пристигнаа и премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, но тие пред средбата не дадоа изјави за новинарите.
Мицкоски, меѓу другото, беше прашан дали ако СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците се договори да одат заедно на парламентарните избори, може да се очекува ВМРО-ДПМНЕ да оди заедно со албанските опозициски партии.
Мицкоски истакна дека на нив им посакува долги години во опозиција за да можат да се реформираат и да излезат од прегратките на криминалците во кои се наоѓаат изминатите години кои се на власт.
„Тоа е нивна одлука. Јас им посакувам среќа, им посакувам долги години во опозиција за да може да се реформираат и реструктуираат и да излезат од криминалната матрица и прегратките на криминалците во кои што се наоѓаат изминативе шест години”, рече Мицкоски.