Партиите денеска точно напладне треба ќе го прецизираат датумот за избори. Лидерите ќе седнат на иста маса за да го официјализираат датумот за одржување на претседателските и на парламентарни избори, но се очекува „копјата да се кршат“ околу техничката односно таканаречената пржинска влада за која дел од опозициските партии веќе бараа да биде укината. ВМРО-ДПМНЕ деновиве го кажа својот став – нема да поддржи ниту технички премиер од, како што наведе, криминалната ДУИ.
Во саботата лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски порача дека очекува конструктивна лидерска без условувања и истакна дека нема консензус за укинување на техничката влада. Сепак, додаде Ковачевски, можно е до следните избори да се создадат услови да се укине техничката влада.
Според шпекулациите кој ќе биде технички премиер откако ќе се договори датумот за предвремени избори, кој се претпоставува дека ќе се утврди за 8 мај, „најгласни“ се две имиња – на претседателот на Собранието, Талат Џафери и на фармацевтот Фатон Ахмети, кој е генерален секретар на ДУИ, но засега не е многу експониран во јавноста. Во случај да „падне“ одлуката за 8 мај, две недели претходно треба да се случи првиот круг од претседателската трка.
На последниот брифинг со новинарите Џафери не ја потврди оваа информацијата, но и не ја негираше, истакнувајќи дека партиите се тие кои треба да се договорат и да официјализираат. Сепак, според извор на ,,360 степени” во владејачката коалиција, тој е најсериозната варијанта за спроведување на политичкиот договор постигнат меѓу Зоран Заев и Али Ахмети во 2020 година, во пресрет на парламентарните и на претседателските избори во 2023 година.
Фатон Ахмети единствено беше спомнуван во јавноста во време кога беше директор на Фондот за здравствено осигурување, иако сега, според неофицијални информации, е можеби и најсериозниот кандидат за технички премиер што треба да ја води таканаречената пржинска влада која треба да ги спроведен парламентарните избори. Познавачите велат дека ако се постигне политички договор за споени избори – претседателски и парламентарни, опција што ја застапува ВМРО-ДПМНЕ, а и ДУИ не е против, тогаш Фатон Ахмети е можеби и најсериозниот кандидат за премиер.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски пред десетина дена експлицитно кажа дека е поминато времето за пржинска влада, но, според познатите ставови на власта, веројатно за тоа е се уште рано да се размислува.
„Тоа што Ковачевски не се откажува од техничката влада значи дека ДУИ му забрани да се откаже од идејата оваа техничка влада да има премиер од криминализираната ДУИ и е потврда дека всушност и со оваа влада управува ДУИ со подизведувач СДС. Ковачевски двапати нека намигне ако е киднапиран“, му порачува деновиве ВМРО-ДПМНЕ на премиерот.
Засега речиси сите партии го потврдија своето учество на денешната лидерска средба.
Доколку, како и што се очекува 8 мај денеска да и формално да биде потврден, во тој случај Македонија треба да добие техничка влада на 27 или 28 јануари, изборите ќе бидат на распишани кон крајот на февруари, а првата конститутивна седница во тој случај би требало да биде на 28 мај.