More

    Неколку часа по истекот на еднонеделното примирје меѓу Израел и палестинската група Хамас, Министерството за здравство соопшти дека 54 лица веќе биле убиени во израелските воздушни напади

    spot_img

    Неколку часа по истекот на еднонеделното примирје меѓу Израел и палестинската група Хамас, Министерството за здравство соопшти дека 54 лица веќе биле убиени во израелските воздушни напади. Се шпекулира дека бројката е поголема од 54 лица, а според некои медиуми убиени се повеќе од 100 луѓе.

    Снимката на Ројтерс од болницата Насер, втората по големина во Појасот Газа, покажува постојан прилив на ранети луѓе кои сè уште пристигнуваат додека другите плачат надвор покрај телата на најблиските убиени во нападите.Групите за помош и Обединетите нации велат дека неколку здравствени установи во опустошената енклава сè уште функционираат и дека не можат да се справат со новиот бран жртви. Тие велат дека болниците во Газа немаат основни материјали, персонал и гориво за да обезбедат примарна здравствена заштита во обемот што е потребен, а камоли безбедно да лекуваат итни случаи.

    Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, денеска изјави дека Хамас е тој којшто ја сноси одговорноста за прекин на примирјето во Газа.

    – Хамас ги прекрши обврските кои ги презеде. Дури и пред паузата да заврши, Хамас изврши грозен терористички напад во Ерусалим, убивајќи три лица – изјави Блинкен за новинарите во Дубаи.

    Блинкен нагласи и дека Хамас не ги исполнил обврските кои ги презел ниту во поглед на ослободување на одредени заложници и додаде дека САД остануваат посветени на нивно ослободување.

    Американскиот државен секретар рече дека САД, покрај разговорите за актуелната војна меѓу Израел и Хамас, се фокусирани и на планирање за „денот утре“ во Појасот Газа и дека за тоа разговарал со арапските колеги денеска во Дубаи.

    – Гледаме што се случува во самата Газа? Како се управува? Кој ја гарантира безбедноста? Како да почнеме да обновуваме? И што е најважно, како да се започне патот на праведен и траен мир. За нас тоа мора да резултира со држава за Палестинците – нагласи Блинкен.
    Тој додаде дека голем дел од ова „бара напорна работа, тешки одлуки, обврски што различни земји ќе треба да ги преземат“.

    За време на вчерашниот престој во Тел Авив Блинкен го повика Израел да создаде таканаречени „безбедни зони“ за Палестинците пред продолжувањето на конфликтот.

    Израел ја прифати идејата и денеска информираше неколку арапски држави дека сака да создаде тампон зона на палестинската страна на границата со Појасот Газа за да спречи идни напади, како дел од предлогот за иднината на енклавата по завршувањето на војната.

    Ваквите свои планови Израел ги сподели со соседите Египет и Јордан, како и со Обединетите Арапски Емиратии.

    – Израел сака оваа тампон зона меѓу Газа и Израел, од север кон југ, за да го спречи Хамас или другите милитанти да се инфилтрираат во Израел или да го нападнат, изјави висок изралески безбедносен функционер, еден од трите извори кои побараа анонимност.

    Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој денеска разговараше со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мухамед бин Зајед Ал Нахјан, изјави дека прекинот на примирјето во Газа претставува „многу негативен“ развој на настаните.

    Неговиот кабинет соопшти дека Турција работи на постигнување траен прекин на огнот и хуманитарната помош да стигнува до Газа. Турскиот претседател рекол и дека неговата земја „прави се за да го запре израелскиот масакр“, но дека муслиманскиот свет мора да дејствува покохерентно.

    Газа имаше 2,3 милиони жители пред Израел да започне со бомбардирање и копнена инвазија како одговор на прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври, во кој вооружените лица на групата убија 1.200 луѓе и зедоа 240 заложници.

    Според палестински проценки, кои ОН ги сметаат за веродостојни, повеќе од 15.000 жители на Газа се убиени, а илјадници се исчезнати и за нив се претпоставува дека се затрупани под урнатините.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img