More

    Надвор од логика е да се бара приватен инвеститор, предупредуваат експертите

    spot_img

    ЕСМ планира да го ревитализира Блокот 1 од РЕК Битола за да работи најмалку до 2025 година кога треба да биде затворен. Но, сè уште не одлучила дали оваа обврска ќе ја реализира самата или со ангажирање на приватен инвеститор кој покрај модернизирањето на блокот ќе треба да набави и јаглен за негова работа.

    Која опција ќе биде подобра треба да покаже физибилити студијата која ќе ја подготвува „Прајсвотерсхаус Куперс“ која треба да биде готова за 2 месеца.

    Според договорот за изработка на студијата вреден 82.000 евра, објавен на системот за јавни набавки, потпишан минатиот месец, студијата треба да покаже дали е исплатливо блокот да го ревитализира државната компанија или приватен инвеститор кој би обезбедил и јаглен за негова работа.

    Во понудата на огласот што ја дава консултантската куќа, која заедно со договорот е објавена на сајтот за јавни набавки, наведено е дека покрај другото треба да се даде одговор и колкава ќе биде цената на произведената струја во тој случај и дали ќе биде поисплатливо ЕСМ да управува со блокот самостојно или преку некој друг модел на соработка со трета страна како дел од јавно-приватно партнерство, закуп, концесија, договорно производство или со договор за управување. Исто така треба да се утврди како би работел блокот во услови на кризни состојби кога на земјава би ѝ било потребно производството од овој блок, ако со него управува приватен инвеститор.

    Во него пишува дека консултантот треба да даде и предлог, односно да пронајде потенцијални приватни оператори од земјата или од странство, кои би сакале да се зафатат да го работат Блок 1.

    За што ќе се одлучи раководството на ЕСМ ќе се знае по завршувањето на целата процедура, но експерти и поранешни раководители во РЕК Битола велат дека не треба да се дозволи со Блокот 1 кој е дел од  стратешки лапацитет да стопанисува приватен инвеститор за да не се доведе државата во услови на криза да не може да ја користи струјата која се произведува во земјата.

    Поранешниот раководител во РЕК Битола Спиро Мавроски вели дека надвор од логика е да се бара приватен инвеститор да го ревитализира блокот е на РЕК Битола.

    – Надвор од логика е да се даде на приватен инвеститор да модернизира и да управува со еден од блоковите во РЕК Битола, бидејќи овој производен капацитет е целина која е зависна една од друга. Да потсетам само на фактот дека иако овој блок не е модернизиран во текот на најголемата криза работеше за третиот блок кој беше исфрлен од работа, ако се погледаат исто така книгите за работа на блоковите, овој блок секоја година има најмногу изработени часови. И уште би кажал дека ниту една година во последната декада РЕК Битола не работела со трите блока. Да не зборуваме за стратешката улога на оваа термоелектрана и балансот на струјата во земјава – вели Мавроски.

    Дополнително, вели тој, кој приватен инвеститор кој знае дека овој енергетски објект мора да се затвори ќе троши пари да го модернизира и да го користи нецела година.

    – Нема време да поминат тендерите, а за модернизација уште помалку. Ова само говори дека можеби се планира блокот 1 да му се даде на некој познат бизнисмен на власта, со цел да заработи пари за една година под прекривката дека ќе го модернизира блокот. Посебно е загрижувачко и нелогично тоа што се размислува дека ако тој вложи голема сума на евра во модернизацијата во кризни услови ќе сака да го даде објектот на државата а струјата да ни ја продава под берзанска цена – вели тој.

    Мавровски смета подегот е нелогичен и од фактот што државава сè уште не одлучила дали ќе гради електрана на гас на местото на РЕК Битола.

    – Можеби веќе министерката за еконогија потпишала договор за затворање на РЕК Битола вчера во Дубаи, но ние не го знаеме тоа. Сепак, допрва ќе одлучуваме дали ќе градиме гасна централа. Но и за тоа го немаме гасот, а состојбата станува поалармантна што немаме на што да се потпреме во енергетската транзиција која веќе нè гази – додава тој.

    Експерти велат дека е добро што ЕСМ прави студија за проблемот со Блок 1 на РЕК Битола, но одлуката што ќе се прави со овој блок не треба да биде политичка туку експертска.

    – Со оглед на стратешката улога на овој капацитет за енергетскиот сектор на државата не би требало во никој случај со блокот да управува приватник, ниту да му се даде можност да произведува и да продава струја. Нашите искуства со приватните инвестиции во овој сектор се поразувачки и тоа треба да ни биде поука како да се однесуваме, бидејќи стабилноста на системот и зависноста од увоз можат да се обезбедат само ако државата инвестира во енергетски проекти – вели професорот Ристо Цицонков.

    Тој додава дека државата мора да инвестира во големи енергетски капацитети за да може да обезбеди стабилно снабдување и да не биде зависна од увоз на струја.

    Блокот 1 во РЕК Битола не е модернизиран досега, но сè уште е во работна кондиција. Лани во најголемата криза кога поради проблеми со набавка на трансформатор за Блокот 3 овој блок работеше без прекин и го покри недостигот од неработењето на третиот блок.

    Земјава се обврза најдоцна до 2028 година да се откаже од употребата на јаглен за производство на струја. Неколку меѓународни институции неодамна се договорија да инвестираат 4 милијарди евра во процесот на транзиција на енергетскиот систем во земјава.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img