Рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров изјави дека Македонија со години го носела понижувачкото име ПЈРМ, а и дека знае како земјата ја добила придавката „северна“. Според него, проблемот лежи во однесувањето на Западот кој ги подбуцнува народите на Балканот.
– Се сеќавам дека со години Македонија беше нарекувана Поранешна југословенска Република Македонија и ова беше понижувачко име, а знаеме и што се случи со името Северна Македонија. Се сеќавам и дека претседател на македонското Собрание имаше фотографии со албанско знаме, направени во канцеларијата во Парламентот. Јас оправдувам етничките групи на Балканот да живеат мирно едни со други. Западот ги подбуцнува народите едни со други – рече Лавров на денешната пресконференција на самитот на ОБСЕ во Скопје за која македонските медиуми покажаа голем интерес.
Тој вели дека се чувствува пријатно кога во прашање е македонскиот народ.
– Имаме пријателски чувства кон македонскиот народ. Овде сум два дена, го гледам вашиот народ по улиците, во хотелот. Можам да ја почувствувам нивната топлина, но и нашата кон вас – додаде Лавров.
Запрашан во врска со спорот со Бугарија тој смета дека Македонија има целосно право на рамноправност.
– Не сум стручњак за односите Македонија-Бугарија. Но знам едно, македонските граѓани имаат целосно право да делуваат рамноправно во сите активности на заедничкиот континент. Ако даваме генерална оценка, не само за односите Македонија-Бугарија, туку и другите балкански проблеми, коренот на проблемот лежи во однесувањето на Западот – кажа Лавров.
Тој рече дека ги охрабрува етничките групи на Балканот да живеат мирно и да ги сузбијат сите националистички амбиции. Ги повика и да не се приклучуваат кон санкциите кон Русија, само, како што рече, за да исполнат одредени западни амбиции.
– Уверен сум дека народите на Балканскиот Полусторов минаа тешки историски премрежја, имаат заедники код и не смеат да бидат поразени и да му дзволат на Западот да станат непријатели едни со други – рече Лавров.
Рускиот министер кажа и дека е разочаран оти новинарите го прашувале „кога ќе ја запрете војната“ во Украина, бидејќи според него тоа не е војна и воедно укажа „новинарот треба да продре во информацијата“.
За западните делегации посочи дека намерно ја организирале вечерата да се одржи пред тој да стигне во Македонија.
Според него ОБСЕ била деградирана во неколку области, а западните политичари во Скопје не ја научиле лекцијата.
– Годишнината на ОБЕ не треба да се слави поради деградацијата на полето на безбедноста, економијата и човечките права, а говорот на колегите министри на Самитот во Скопје е доказ дека западните политичари не ја научиле лекцијата – истакна Лавров.
Тој потсети дека во 2014 година Западот не и ставил санкции на Украина за нејзините акции против Русите во Донбас како што сега Западот ја санкционира неговата држава Русија.
– Во економската сфера се беше уништено од санкциите од ЕУ и САД, да не зборуваме за човековите права. За Украина немаше реакции од Западот при спроведувањето на нејзината воена операција против Русите во Донбас од 2014 година, ниту санкции од Западот додека Украина не го признаваше Крим и Донбас. Лидерите на Западот ги игнорираат основните принципи на организацијата ОБСЕ – раскажува
Тој вели дека ОБСЕ се грижи само за луѓето од кои има интерес, а не сите луѓе од земјите кои членуваат во ОБСЕ. Тој го пофали слоганот на самитот во Скопје промовиран од македонскиот колега Бујар Османи, но не верува дека тоа ја одразува реалноста:
– Македонскиот претседавач Бујар Османи промовираше многу добар слоган, Се работи за народот, но вчера за време на работниот ручек им кажав на колегите, верувам дека се работи за луѓето, но на сите луѓе од земјите од ОБСЕ. Тие се загрижени само за луѓето за кои имаат интерес. Да бидам искрен, јас сум свесен од резултатот на оваа мала борба, самитот е за одредена група на луѓе, не за сите граѓани – смета Лавров.
Лавров нема да присуствува на завршницата на 30-иот министерски состанок на ОБСЕ, кој се одржува во Скопје. По пресконферецијата тој ќе замине од земјава.
Неговото вчерашно обраќање беше бојкотирано од дел од делегациите на земјите-членки на ОБСЕ. На масата на неговото место беше оставен лист на кој беше напишано „Резервирано на НАТО“, а инцидентот портпаролката на руското МНР Марија Захарова го нарече провокација.
Опструкциите за Лавров на самитот започнаа уште кога официјална Софија се премисли да го пропушти авионот на рускиот дипломат низ нејзината територија бидејќи не била информирана дека во авионот ќе присуствува Захорова. Притоа авионот морал да слета во Скопје преку грчкиот воздушен простор, а летот траел мачни пет часа.
Захарова рече дека бугарската забрана била нарачана од американски политичари. Таа пред самитот обзнани и дека на руски новинари не им било дозволено да го следат, што според неа е уште една опструкција од Западот.
Фијаското продолжи на самитот на кој одбија учество Естонија, Литванија, Летонија и Полска, додека украинската делегација дојде без шефот на дипломатијата Дмитро Кулеба. Притоа, украинската делегација во Скопје си замина од салата кога вчера Лавров ја даваше својата изјава на министерскиот совет.
– Можеш ли да ме оставиш на мира? Те молам! Ви благодарам! – рече Лавров на англиски, пред да продолжи по неколку секунди со својот говор на руски.
Останува нејасно кому му се обрати на овој начин, но се вели дека украинската делегација ја напуштила салата по почетокот на говорот на Лавров.
Рускиот министер за надворешни работи зборуваше 15 минути пред да ги напушти состаноците.
Лавров не се сретна со американскиот колега Ентони Блинкен во Скопје иако за можната средба се пишуваше во медиумите. Унгарскиот шеф на дипломатијата изјави дека жали што била пропуштена оваа можност. Се пишуваше дека во светлото на новите шпекулации дека САД и Германија планираат евентуална контрола на снабдувањето со оружје за Украина Вашингтон и Москва можат да најдат заеднички интерес.
Сепак, Блинкен замина за Израел уште пред Лавров да стигне во Скопје. Западот и Русија меѓусебно се обвинуваат за тоа кој го опструира ОБСЕ како организација.