„Го пребарувавме речното корито на Вардар, ги прегледавме подрумите не само во околината, туку и малку пошироко. Работевме и на добивање податоци и од манастирите и од црквите во близината на Скопје. Ова е една опсежна активност и тука нема да се застане, бидејќи интензивно работиме да го решиме случајот“.
Ова го кажа денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во однос на прашањето до каде е потрагата по исчезнатата 14-годишна Вања Ѓорчевска од Скопје, по која веќе петти ден се трага.
– Ова е најважната работа за секторот во СВР Скопје и во кој е формиран специјален тим кој работи заедно со семејството и познаниците, пријателите, соучениците на исчезнатото девојче. Секојднево се преземаат низа на активности за овој случај и вклучени се стотина полициски службеници кои исклучиво работат на овој случај, предводени од началникот, помошниците началници, значи целото раководство на секторот – изјави министерот Спасовски при посетата на СВР Скопје.
Тој додаде дека се преземаат опсежни мерки и се користат сите можни капацитети за јавната безбедност.
– Подигнати се снимки од над 50 камери од објекти во близината и сите се прегледани. Земени се сите податоци од телеком-оператори, а исто така и снимките од „Сејф сити“. Испрашани се десетици и десетици лица од коишто се земени информации и податоци за да се дојде до некој важен детал во однос на целиот случај – рече министерот.
Спасовски истакна дека се преземени сите електронски уреди од семејство и девојчето и се вештачат и веќе имаме дел од одредени податоци, а кои може да бидат од помош за истрагата.
– Секојдневно сме во комуникација или работиме заедно со родителите и со семејството. Целиот овој тим работи до доцна наутро сите овие денови откога започна истрагата – вели Спасовски.
Тој упати благодарност и до медиумите и до медиумските работници коишто објективно ја информираат јавноста, бидејќи, според него, заеднички се бориме против сите оние лажни вести и сензации во медиумите и социјалните мрежи.
– Морам да кажам дека сите оние профили коишто објавуваат било какви лажни вести се детектираат, дел се повикани во полициска станица на разговори. Таму каде што ќе се утврди дека тие ја загрозуваат истрагата и безбедноста на исчезнатото лице, ќе се преземаат мерки заедно со Јавното обвинителство. Ова сериозно го кажувам, затоа што ваквите работи не се тема со која можеме ние да се забавуваме, затоа сметам дека максимално треба да бидеме посветени во добивање на резултатот од тоа што го работиме – рече министерот.
Овој случај го отвори прашањето за итно воведување на американската алатка „Амбер Алерт“, која веќе успешно е имплементирана во соседна Србија. Но и кај нас се очекува во втората половина на декември, за што Плусинфо веќе неколкупати пишуваше.
Со овој систем треба да се алармира веднаш во првите часови од исчезнувањето на детето, преку пораки на мобилни телефони со фотографија, во такси компании, јавен превоз, банкомати но и во хотели.
Инаку, целиот регион, вклучително и Интерпол, се вклучи во потрагата по 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, која исчезна на 27 ноември на пат кон училиште.
Јавноста во Македонија е загрижена за нејзиното исчезнување, имајќи предвид дека Вања исчезна во еден од најпосетуваните делови на градот, Дебар Маало. Вања е исчезната веќе петти ден, а веста за нејзиното исчезнување се споделува во медиумите и на социјалните мрежи низ целиот регион, вклучително и Србија.