Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека исламистичкото движење Хамас не се согласило да ослободи дополнителни заложници, со што ги прекршил условите на прекинот на огнот.
„Хамас не ги ослободи сите жени заложници како што беше договорено и исто така лансираше ракети кон Израел“, соопшти неговата канцеларија, пренесува Скај њуз.
„Со обновувањето на борбите нагласуваме: израелската влада е посветена на постигнување на целите на војната – да ги ослободи нашите заложници, да го елиминира Хамас и да се осигура дека Газа никогаш нема да претставува закана за жителите на Израел“, се вели во соопштението од кабинетот на Нетанјаху.
Израелската војска соопшти дека денеска ја продолжи борбата против Хамас во Газа, откако ја обвини палестинската милитантна група дека го прекршила седумдневното привремено примирје со пукање врз израелска територија.
Сирени за предупредување за ракети се слушнаа утрово во израелските заедници во близина на границата со Газа. Ова е првпат да се огласат сирени од почетокот на прекинот на огнот на 24 ноември, јавуваат израелските медиуми.
Во меѓувреме, израелската војска потврди дека нејзиниот одбранбен систем „Железна купола“ пресретнал ракета истрелана од Газа рано утрово. Засега нема коментар од Хамас.
Четврто лице го загуби животот по вчерашното пукање во Ерусалим, според извештаи на израелските медиуми. Четвртата жртва е „вооружен цивил“ кој се обиде да ги фати двајцата напаѓачи, но израелските сили по грешка го сметале за непријател и тешко го раниле. Тој доцна синоќа починал од здобиените повреди. Двајца од напаѓачите, Мурад Мухамед Нимр и Ибрахим Мухамед Нимр, исто така беа убиени кога израелските сили одговорија на нападот.
Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху нареди уривање на нивните куќи во источен Ерусалим како казна и одвраќање од идни такви акции.