Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се обрати на министерскиот совет на ОБСЕ во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, па како што и впрочем се очекуваше, ги обвини останатите земји-членки, а особено ЕУ и САД, за лицемерие и за непочитување на принципите на кои почива ОБСЕ.
Лавров рече дека Европа има проблем со фактографијата и со објективноста и дека заклучоците што ќе се усвојуваат на ОБСЕ овие два дена се однапред подготвени.
Тој притоа ја обвини ОБСЕ дека молчи кога се загрозува слободата на медиумите во западните земји и се врши врз нив репресија, а ја напаѓа за тоа Русија и дека во Организацијата константно се одбиваат барањата на Москва да се разговара за неонацистичките движења низ Европа и во Украина.
Украина, пак, ја обвини дека сака да избрише сè што е руско во земјата, дека не признава постоење на руско малцинство, дека го забранува законски рускиот јазик и дека води „одвратна кампања“ против руската црква во земјата, и сето тоа, нагласи Лавров, не е по последната руска интервенција туку почнало во 2014 година, веднаш по договорот за мир склучен со гаранција на Германија, Франција и Полска.
– Земјите од НАТО и ЕУ ја уништија воено-политичката димензија на ОБСЕ. Во 1999 година, НАТО изврши нескриена, брутална агресија врз Југославија, членка на ОБСЕ и ОН. И во 2008 година, кршејќи ја резолуцијата 12 44 на Советот за безбедност на ОН и принципот на неповредливост на границите во Европа од завршниот акт на Хелсинки, на Србија ѝ беше одземено Косово без никаков референдум – посочи Лавров.
Со порака дека „неонацистите се добредојдени во ЕУ“, тој заклучи дека нема место за оптимизам и дека ОБСЕ станалa говорник на западните земји.
Првиот говорник по Лавров, данскиот шеф на дипломатијата Ларс Расмусен оцени дека неговите пораки биле манипулативни, со саркастична оценка „толку од дијалогот“ – бидејќи рускиот министер според него веднаш по говорот што го одржа излегол од состанокот.