Дали уште еден светски гигант кренал раце од Македонија?

Lorita
By Lorita 12 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Најавените 100 дена интензивна работа за изградба на две езера за складирање на вода за формирање вештачка снежна покривка за почеток на инвестицијата од презентацијата на стратешкиот партнер на владата за обнова на ски-центарот Попова Шапка, фирмата „Техно Алпин“ од Јужен Тирол, одамна поминаа. На теренот цела година ништо не е сработено. И тоа не по вина на странскиот инвеститор, кој беше расположен да инвестира, туку дека македонските институции бавно реагираат и не се флексибилни и ја отежнуваат реализацијата на секоја инвестиција. Овој пат е запнато на текстот на договорот, или на нешто друго, не се знае точно.

Владата засега молчи зошто со оваа инвестиција, која требаше да почне годинава, се доцни. Нашите прашања упатени до Владата пред два дена останаа без одговор, иако ни беше ветено дека ќе добиеме одговор.

Владата молчи, инвеститорот никаде го нема

Од Ски-центарот Попова Шапка, кој е најзасегнат со постапката, ни изјавија дека инвестицијата е во фаза на договарање на текстот на договорот, односно дека владината комисија за стратешки инвестиции сè уште преговара со инвеститорот за некои детали, иако процесот е во поодмината фаза.

– Не можам да кажам многу, бидејќи оваа инвестицијата ја водат Министерството за животна средина и владината Комисија за стратешки инвестиции, но имам информација дека Комисијата работи. Се преговара со инвеститорот за некои детали од договорот. Мислам дека е во поодмината фаза преговарањето – вели в.д. директорот на Ски-центарот Попова Шапка и директор на „Елем Турс“, Адем Авзиу.

Во јавноста, пак, има шпекулации дека инвеститорот веќе се откажал, бидејќи му е понудено флексибилно инвестирање со непознат точен износ на инвестицијата. Се говори дека инвеститорот или негови претставници не се видени од декември лани, кога е презентиран планот за развој на Попова Шапка.

Што нудеше несудениот инвеститор „Техно Алпин“ за Попова Шапка?

Во декември лани компанијата „Техно Алпин“ во Владата го презентираше планот за развој на Ски-центарот на Попова Шапка тежок 186 милиони евра. На презентацијата учествуваше извршниот директор на компанијата Ерих Гумерер.

Беше најавено дека ќе се инвестира во 6 фази, во кои ќе се направат нови 16 патеки за скијање и 9 нови жичарници, од кои 2 на почетната фаза во која требаше да се изградат системите за вештачки снег, кои ќе бидат целосно автоматизирани и поврзани со софтвер. За правење вештачки снег во план беше да се изградат 2 резервоари на вода, кои на лето би биле посебни атракции. Ќе има и 15 километри патеки за крос-кантри скијање. Инвеститорот најави и набавка на 7 нови ратраци, а во првата фаза планирана е набавка на 2.

Беа најавени и 2 нови спа-хотели на почеток, а ќе се искористат и постојните 2 хотела за реконструкција. Најавена беше и изградба на ресторан за храна за носење, три нови паркинзи и улици кои ќе водат до новите хотели.

Инвестицијата требаше да почне да се реализира почнувајќи од годинава, со реализирање на првата фаза вредна 55 милиони евра.

- Advertisement -
Ad image

Љубителите на планината и скијачките спортови се разочарани

И додека Комисијата за стратешки инвестиции работи на договорот, речиси цела година јавноста шпекулира дека пропадна инвестиција од 168 милиони евра, граѓаните кои го очекуваа овој проект велат дека е пропуштена уште една шанса на овој скијачки центар да му се врати сјајот.

– Жално е што овој центар ги доживува најлошите години. Ништо што е во сопственост на државата не функционира. Да не се приватните хотели кои организираат најразлични манифестации, на Попова Шапка никој не би дошол, бидејќи објектите со кои стопанисува државата се во очајна состојба. И би рекол, ако некој сака да ги купи овие хотели, државата треба да стави пред нивните врати по 1.000 евра за да се ги искористи инвеститорот да се опие и да не знае утрото што купил. Јас и лани реков, дека инвестиција за масовен туризам и скијање на земјава не ѝ е потребна, бидејќи нема капацитет да ја искористи. За наши услови, и со мали поправки и одредени реконструкции би била доволна ваква каква што е Попова Шапка. А дека инвеститорот се откажа може да се согледа од тоа што тој не е присутен цела година на Попова Шапка, не да работи нешто, туку барем да е виден да разгледува нешто – вели Јован Божиноски, претседател на планинарското друштво „Љуботен“ од Тетово.

Додека се чека инвеститорот вработените останаа без плата

Вработените во поранешниот „Елем Турс“, од кој произлезе новата фирма Ски-центар Попова Шапка, се жалат дека веќе 3 месеци не примиле плата, не им се платени ниту придонесите и не знаат каде ќе завршат во наредниот период. Подготвиле тужба за неисплатените плати, а веќе се водат постапки и за надоместоци и испратнини за дел од нив.

- Advertisement -
Ad image

– Неизвесноста за нас вработените во „Елем Турс“ почна со поделбата и подоцна со објавувањето на огласот за вработување во Ски-центарот Попова Шапка кој беше на определено време. Дел од вработените околу 7 до 10 луѓе прифатија такво вработување, но 27 луѓе не се јавивме на огласот и останавме во „Елем Турс“. Во овој период, од септември наваму не сме добиле плата, а плата за септември нема исплатено и за оние кои се префрлија во ски центарот, за да не ни биде исплатена и нас платата, бидејќи огласот заврши при крајот на септември. Сега одиме на работа на „Жичара“ во Тетово, каде што е администрацијата на ски-центарот, пиеме кафе и се враќаме дома, ама никој не нè регистрира ниту разговара со нас. Разговаравме и со правната служба во ЕСМ, но освен разговорот и ветувањето дека ќе се реши проблемот ништо нема. Што ќе се случува со нас не се знае – вели вработен во „Елем Турс“.

Проблемите со вработените произлегоа откако ЕСМ за да го отвори патот на стратешкиот инвеститор за Попова Шапка, го подели „Елем Турс“ на две подружници-Ски-центар Попова Шапка и Молика, но сè уште не ја ликвидира „Елем Турс, бидејќи голем дел од вработените остана незгрижени. Тие сега не примаат плата, а немаат платено ниту придонеси.

Авзиу вели дека на конкурсот за новата подружница Ски-центар Попова Шапка од поранешните 40 редовно вработени се пријавиле само 10 лица. Останатите останале во „Елем Турс“ кој сè уште не е ликвидиран.

– На во ски центарот сега имаме 20 работници, а за потребите на зимската сезона планираме да вработиме дополнителен број сезонски работници. Се разбира, ако за тоа има потреба. Овие работници редовно добиваат плата. Работниците кои останаа во „Елем Турс која не остварува никакви приходи два месеца немаат плата. Ова прашање треба да го реши нашиот содружник ЕСМ – вели Авзиу.

На Шапка деновиве падна и првиот снег, па апетитите на скијачите пораснаа, но не се знае во каква состојба се ски лифтовите и другите објекти пред почетокот на сезоната. Директорот на Ски-центарот вели дека ски-лифтовите се во добра кондиција, а поранешните вработени велат дека не виделе дека летово се работело на нив.

Каква е безбедноста на ски-лифтовите?

Според вработените кои останаа во „Елем Турс“ меѓу актуелните вработени во Ски-центарот Попова Шапка, нема лица кои претходно биле одговорни за ски-лифтовите и се сомнева дека ски-лифтовите ќе можат да функционираат оваа зима.

– Сите што работеа на одржување и управување на ски-лифтовите се останати во „Елем Турс“. Не знам дека од новите вработени некој е соодветен за тие работни места. Летово не видовме дека некој ги проверува ски-лифтовите, бидејќи секое лето се прави ремонт и се проверува во каква состојба се тие. Можеби е ангажирана надворешна фирма за тоа, но не верувам дека и тоа е направено-вели вработен во „Елем Турс“.

Директорот Авзиу, пак, тврди дека зимската сезона на Попова Шапка ќе почне со првиот снег и со ски-лифтови во добра кондиција.

– Знаете, сезоната почнува кога ќе има снег. Добро би дошол и вештачки снег, но и годинава нема да го имаме. Ние сме подготвени за почеток. Ски-лифтовите се во добра кондиција, а со вработени ќе се дополнуваме со сезонски вработувања ако за тоа се јави потреба – вели тој.

Љубителите на зимските спортови се разочарани од случувањата и се прашуваат дали се во ред реквизитите и ски-лифтовите на Попова Шапка. И претседателот на планинарското друштво „Љуботен“ вели дека можеби е ризично да се качи човек на ски-лифтовите оваа зима.

– Не сме виделе дека некој работи на ски-лифтовите, а се сомневам дека ги имаат добиено и дозволите кои им се даваат секоја година од Машинскиот факултет. Но затоа веќе имаме реклами за продажба на ски-карти па дури и реклама за блек фрајдеј – вели Божиновски.

Ски-центарот на Попова Шапка е стар повеќе од 50 години. Помеѓу 1970 и 1980-година е изградена ски-зоната со ски-лифтови и патеки, како и првите хотели. Повеќе од две децении не се инвестираше во модернизирањето на постоечките капацитети или проширување на сегашните, па поради истото, локалитетот во денешно време е застарен и заостанат, постоечките ски-лифтови се застарени, нема систем за правење снег и последователно скијачката сезона е условена од временските прилики, односно, се скија само кога има обилни врнежи на снег, а скијачките патеки главно се поврзуваат без каква било адаптација на теренот.

Фирмата „Техно Алпине“, која е најавена како стратешки инвеститор, е светски лидер во производство и инсталирање на системи за вештачки снег, признаен експерт за дизајн на скијачки терени и скијачки зони, со 30-годишно искуство. Опслужува над 2.4000 муштерии во над 50 земји. Има над 700 вработени на 16 локации ширум светот.

Share This Article