Бизнисот бара предвидлива клима за работа и предвидливи даноци и секоја неконзистентна даночна политика ги дестабилизира и одвраќа од нови инвестиции. Ова го велат бизнисмени, странски инвеститори и експерти, по најавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека планира земјава да ја претвори во земја на најниски профитни даноци во светот.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави промена кај данокот на добивка, со тоа што реинвестираната добивка нема да се оданочува, а стапката на данокот ќе се определува според висината на пријавениот данок.
– Она што планираме да го направиме е за секоја компанија, за секој профитен центар кој во Македонија ќе пријави профит до 20 милиони евра, данокот да биде ист како сега, 10%, а доколку се реинвестира тој профит, тогаш данокот да биде 0%. На пример, за пријавен профит тука во Македонија во висина од 20 до 30 милиони, данокот ќе биде 8%, од 30 до 50 милиони евра 6%, а над 50 милиони евра ќе биде 5% – рече Мицкоски при презентација на делови од изборната програма на најголемата опозициска партија.
Тој смета дека Македонија ќе биде атрактивна дестинација голем број мултинационални светски компании своите профитни центри да ги донесат тука во Македонија и токму тука да го продолжат бизнисот.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини смета дека на земјава ѝ треба конзистентна даночна политика, која ќе биде предвидлива за домашните и странските инвеститори. Тој смета дека не е добро секои избори да се предлага нов начин на оданочување.
– Сите варијанти на даночните системи сме ги виделе и во поранешна Југославија и по осамостојувањето. Но, грешка е ако повторно се менува даночниот систем. Имавме ниски даноци, пропорционален модел и слично и што добивме притоа? Економската наука и практиката велат дека треба да има конзистентна даночна политика подолг период, за да се создаде предвидливост и сигурност за домашните и странските инвеститори. Честите промени кај даноците ги плашат инвеститорите, а тоа ние не го сакаме. За полнење на буџетот секако ќе има пари, со вакви или онакви даночни системи – вели Хајредини.
Тој додава дека инвеститорите доаѓаат во една земја поради добра бизнис клима и непроменливи даноци.
– Да ги земеме САД. Таму нема многу даноци, а инвестиции сепак има. Тоа значи дека не е проблемот во системот на оданочување, туку во тоа дали имаме конзистентна и непроменлива даночна политика или нејзино менување на секое менување на власта – додава Хајредини.
Бизнисмените вообичаено не ги коментираат изборните програми на политичките партии, но јасно кажуваат дека предвидливоста па и даночната, е најважна за работењето на нивните компании и за плановите за развој на дејностите.
Оттаму е и барањето на странските инвеститори во земјава при секои промени на даночната политика да бидат вклучени за да дадат придонес за подобро функционирање на компаниите.
– Странските инвеститори очекуваат ниски и предвидливи даноци. Ние како Совет на странски инвеститори очекуваме во следниот период да се сретнеме со политичките партии кои ќе учествуваат на изборите и да ги кажеме нашите барања, а колку тие ќе бидат вклопени во програмите, тоа зависи од партиите. Секако ќе го слушнеме и планот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на даночната политика и овој данок, но сега не можам да кажам ништо во тој однос бидејќи коморските здруженија работат на принципот на заедничко донесување на заклучоци – вели претседателот на Советот на странски инвеститори во Стопанската комора Виктор Мизо.
Тој додава дека секое непредвидено оданочување за компаниите е проблем бидејќи ги нарушува плановите за развој и нови инвестиции и ги плаши инвеститорите.
– Такво беше и воведувањето на данокот на солидарност, без разлика кои се неговите цели. странските инвеститори мислат дека овој данок не беше добро таргетиран, бидејќи зафати и дел од компаниите кои поради ковид кризата, енергетската криза и проблемите произлезени од војната во Украина се соочија со големи проблеми, но инвестираа во развојот – додава Мизо.