Словенија воведува Националната програма за безбедност на сообраќајот на патиштата за следните седум години со цел да се намали бројот на жртвите во сообраќајни несреќи. Според усвоената резолуција, во наредните години, меѓу другото, би се проширувале зоните со ограничување до 30 км/ч, а се планира и намалување на дозволената количина на алкохол во крвта на 0,0 промили.
Словенечкиот парламент едногласно ја усвои Резолуцијата за Националната програма за безбедност на сообраќајот на патиштата за периодот од 2023 до 2030 година. Мерките треба да обезбедат до 2030 година на патиштата да не загинат повеќе од 50 лица, а во сообраќајни несреќи да не бидат повредени повеќе од 400 лица.
Во наредните години, резолуцијата предвидува развој на инфраструктура за дополнително промовирање на безбедно користење на јавниот превоз, пешачење, возење велосипед и други форми на мобилност. Истовремено, планирано е проширување на просторот со најголема дозволена брзина од 30 километри на час и зона на умерен сообраќај, особено во близина на училишта, градинки, во центрите на јавен патнички сообраќај и во населени места.
Новите мерки за безбедност во сообраќајот што ги воведува Словенија, предвидуваат проверка и проценка на безбедноста на училишните правци, воспоставување оценка за безбедност на националните велосипедски патеки, постепено обновување на законските прописи од областа на проектирањето на патиштата и испитување на состојбата на сообраќајната сигнализација како и поставување на билбордите со цел да се воспостави минимални и јасна сообраќајната сигнализација без непотребни елементи, пишува N1 Словенија.
Дополнително, во резолуцијата се предвидува и заострување на законот за прекршителите и можност за покачување на барањето за обештетување за предизвикување тешка сообраќајна несреќа поради алкохол или дрога од 13.560 евра на 130.000 евра.
Исто така, новите мерки за безбедност во сообраќајот предвидуваат и намалување на концентрацијата на алкохол во крвта на 0,0 промили. Програмата предвидува зголемување на старосната граница за корисниците на лесни моторни возила и е-велосипеди над 15 години и воведување обука за основците за добивање дозвола за управување со е-велосипед врз основа на тестот за велосипедизам.