Здружението на Украинци во Република Северна Македонија „Лесја Украинка“ изразува решителен протест во врска со најавената посета на земјата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој планира да учествува на состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
„Иако од Владата тврдат дека доаѓањето на Сергеј Лавров во Скопје нема да значи негово доаѓање во билатерална посета на Македонија, туку во земја домаќин на ОБСЕ, сепак сметаме дека во кое својство и да доаѓа шефот на дипломатијата на Русија, најважно е дека тој води институција на една терористичка земја, која веќе речиси 2 години секојдневно уништува мирни населени места и врши геноцид на украинското население.
Кај нас предизвикува револт самото негово доаѓање во Македонија каде ќе се поздравува со негови колеги од европските земји со неговите раце до лакти замачкани во крв на илјадници невини Украинци – се вели во соопштението на здружението на Украинците во Македонија.
Тие додаваат дека такви членки, како што е Руската Федерација, ги доведуваат во прашање угледот и иднината на ОБСЕ.
„Сакаме да нагласиме дека ние високо ја цениме досегашната помош и поддршка на Украина од страна на Македонија на секое поле, но за нас е разбирлив и неприфатлив аргументот дека владината одлука за прием на Сергеј Лавров е диктитрана со тоа што Македонија е претседавач на ОСБЕ и дека одлуката на македонската Влада е донесена според одлуката на ЕУ во однос на санкциите према Русија: „со исклучок на настани поврзани со ОБСЕ, со други меѓународни организации“.
Затоа, уште еднаш изразуваме решителен протест против таквата владина одлука за прием на својата територија меѓународен злосторник, на којшто вистинското место му е во Хаг, а не на иста маса со почитувани шефови на надворешнополитички институции на цивилизирани земји – се вели во реакцијата на Здружението „Лесја Украинка“.