Како поранешен директор на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ), најостро реагирам на предлог заклучоците за моја политичка одговорност на Анкетната комисија при Собранието за случајот со онкологија.
„ДЗСИ нема никаква законска надлежност во делот на препишување терапија, распоредување терапија и контрола над начинот на кој се аплицира терапијата. Во прилог на ова говорат и законските надлежности на инспекторите од ДЗСИ, од каде е јасно дека Инспекторатот не е органот кој е надлежен за преземање активности и проверки во конкретниот случај. Дополнително, во рамки на Инспекторатот додека јас сум била директор немало никаква пријава и Инспекторатот немал никакви сознанија за евентуални неправилности, за да реагира и ги проследи сознанијата до надлежните институции.
Според тоа, предлог заклучоците се неиздржани и се одраз на политички реваншизам. Како здравствен работник јас ја поддржувам работата како на Анкетната комисија така и на секој орган кој би придонел до расчистување на сите околности за овој случај, но не можам да останам нема на злоупотребата на овој процес за нелегитимно собирање политички поени и неоснована политичка дискредитација“, се наведува во реакцијата на д-р Ирина Сотирова Бухова, специјалист интернист и поранешна директорка на ДЗСИ.
Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи вчера како главни виновници за скандалот на Клиниката за онкологија ги посочи како Венко Филипче, Нино Васев, Нехат Нухи, Ирина Сотирова-Бухова, и екс-директорите на ФЗОМ, Стево Крстевски и Фатон Ахмети. Таа побара нивна политичка одговорност.
За пратениците од СДСМ во Анкетната комисија овие заклучоци беа неприфатливи. Претставниците од СДСМ ја обвинија претседателката Мизрахи дека прочитала заклучоци што се лично нејзини, а не на ова собраниско тело. Тие ја обвинија Мизрахи дека ја злоупотебила комисијата и побараа нејзина оставка.