More

    Коцарев повикува да ја преземеме одговорноста за нашата иднина, за да имаме живот пред смртта

    spot_img

    „Повикувам да ја преземеме одговорноста за нашите животи, за нашата иднина, за да имаме живот пред смртта. Време е! Македонија не е веќе македонска, ѝ остануваат уште неколку чекори до конечниот крај! Македонските политичари не владеат, туку дивеат во Македонија. Тие ги продадоа и ги предадоа државноста, идентитетот и јазикот, реликвии свети за Македонците, заради пристапните преговори за полноправно членство во ЕУ“.

    Со оваа драматична порака до македонската јавност се обрати Љупчо Коцарев, претседателот на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ), содржана во колумната со наслов „Македонија претворена во туѓина, во џенем, во јабана“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
    „Денес се навршуваат пет години од смртта на македонскиот драмски писател Горан Стефановски, член на МАНУ надвор од работниот состав, па, оттука, денешниов текст е обид денешнава македонска стварност да се опише со Горановите зборови. Каква е таа македонска стварност? Какви се времињата во кои ние живееме денес? Во ‘Приказните од Дивиот Исток’ Горан Стефановски вели: ‘Најстрашни се оние времиња кога самиот дом се претвора во туѓина, во џенем, во јабана. Кога човек е на своето огниште, а саштисан и отуѓен како змија да го полазила. Кога е внатрешно раселено лице. Кога ‘т’гата’ не е поради отсуство туку поради присуство. Кога седи среде куќи, а не може да си ја препознае домата’. Така, денес домата не е веќе дома, Македонија не е веќе македонска, во Македонија нема владеење, туку безобѕирно дивеење. Остануваат уште неколку чекори до конечниот крај, а тој дојде многу побрзо отколку што помислувавме дека ќе се случи тоа, како во најкошмарните соништа. Која е причината за оваа состојба? Одговорот е: недостигот од лидерство, непознавањето на основните геостратегиски принципи и алчноста и сервилноста на нашите политичари, од една страна, и неслогата и омразата меѓу Македонците, од друга страна. Поделбата на патриоти и предавници, леви и десни, демократи и автократи, националисти и либерали, во комбинација со алчноста и сервилноста на нашите политичари, направија раздор во македонското етничко ткиво, а Македонија стаса до својот егзистенцијален крај“, пишува Коцарев.

    Меѓу другото, тој додава:

    „Благодарение на македонските неразумни и неуки политичари, пред очите на народот, во добро спакуван целофан се продаде светото, нашето сѐ, вековно чуваните и негувани реликвии: македонската државност, македонскиот идентитет и македонскиот јазик. На македонските политичарите, кои ги продадоа и ги предадоа овие свети за Македонците реликвии: државноста, идентитетот и јазикот, но и за причината, поради која тоа го сторија – пристапните преговори за полноправно членство во ЕУ, Горан повторно им праќа порака: ‘Ѝ се прди на Европа за вас! … трага нема да остане од вас’ (‘Диво месо’). За да не бидеме, како што вели Горан: ‘Осудени да живееме во … постојано пропаѓање. Во истите дупки, на ист начин. … упорно и тврдоглаво’ (‘Диво месо’), треба барем еднаш да извлечеме поука и некакво искуство од сегашноста. Сегашниот изборен модел и моделот на формирање извршна власт веќе со години ги покажуваат слабости: (1) етноцентризам и трибализам (племенски начин на живот); (2) дивеење што се реализира преку два етнонапоредни процеса, а не владеење; (3) обезвреднување на системот на вредности. Стефановски нѐ поучува повторно со ‘Приказните од Дивиот Исток’: ‘Ни треба макотрпна работа за да ја утврдиме и ускладиме нашата автентична и суверена приказна. Ни треба востание на визија, волја и ум; на упорен труд, медиумска лукавост и преговарачка вештина. Државите се прават со жртви и крв, но се чуваат со работа и памет’. Поради сите овие поуки, запишани од Горановото перо, изјавувам: ‘Одбивам да сум жив по инерција, да дишам на шкрги. Одбивам да чекам како јаре пред Ѓурѓовден, како свиња пред Божиќ. Одбивам да шетам со цревата во раце, да гледам како нестручно ме оперирате, ме сечете и ме шиете, како ми гнојат раните и да се прашувам колку ли ќе ме боли кога ќе дојдам на себе. Не сум купче протоплазма. Имам волја и разум и ја преземам одговорноста за својот живот’ (‘Дупло дно’). Повикувам и се надевам дека сите ние ќе имаме вистинска волја и трошка разум, за да ја преземеме одговорноста за нашите животи, за нашата иднина, за да имаме живот пред смртта. Време е!“, напиша Коцарев.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img