Судбината на 41 индиски работник заробени во урнатиот планински тунел виси на конец додека спасувачите почнуваат ризичен обид да дупчат вертикално надолу за да се обидат да ги извлечат, пишува Гардијан. Работниците се заробени во тунелот Силкјара-Баркот во планинската држава Утараханд повеќе од две недели, откако лизгањето на земјиштето предизвика уривање на влезот на тунелот, создавајќи бариера од бетонски шут, остатоци и метал.
Властите минатата недела оптимистички ветија дека спасувањето е при крај, откако успеаја да пробијат 50 метри во урнатините, а останаа само последните 10-15 метри. Сепак, операцијата наиде на бројни пречки во завршната фаза.
Огромна машина за дупчење, увезена од САД, која хоризонтално сечеше низ густ шут се расипа во петокот откако удри во метална бариера. Властите соопштија дека дупчалката се поправа, а во меѓувреме 200 спасувачи рачно ги дупчеа и отстрануваа урнатините користејќи систем со макара, што е макотрпен и долг процес.
Националната управа за управување со катастрофи (NDMA) соопшти дека спасувачите почнале вертикално да ја дупчат шуплината на тунелот каде што работниците биле заробени. Сепак, се смета за далеку поризичен процес од хоризонталното дупчење.
Официјалните лица рекоа дека овој метод би можел да предизвика вибрации во и онака кревката хималајска геологија и да отвори можност за формирање на нови пукнатини и потенцијално уривање на голем дел од таванот на тунелот.
Геолозите предупредија дека вертикалното дупчење е „голем ризик“ бидејќи силните вибрации предизвикани од дупчењето надолу може да претставуваат „огромна закана“ и да го дестабилизираат околниот терен. Претставниците на НДМА потврдија дека вертикалното дупчење започнало вчера попладне.
„Потребни се 86 метри копање за да се дојде до затрупаните работници и да се направи премин за нивно спасување. Веќе се пробиени 15 метри. На помош беа повикани и армијата и воздухопловните сили“ – посочија од НДМА.
Денес, индиските власти соопштија дека вертикалното дупчење би можело да биде завршено до четврток, но исто така предупредија дека може да поминат „денови или недели“ додека не стигнат до луѓето доколку се појават нови пречки.
Арнолд Дикс, експерт донесен од Австралија за да помогне во операцијата, даде поконзервативна временска рамка.
– Може да потрае некое време, можеби и до еден месец, но не можам да дадам точна временска рамка. Не е препорачливо да се брза со процесот. Приоритет е безбедното враќање на овие луѓе и уверен сум дека тие ќе бидат дома за Божиќ – процени тој.
Со работбиците што се затрупани во тунелот се одржува постојан контакт,прво преку мала водоводна цевка, низ која поминувале и храна и кислород, а потоа преку поголема доводна цевка од 15 сантиметри, која беше успешно ставена минатата недела, што значи дека работниците можат да добијат свежа храна и лекови.
И покрај ниските температури надвор, во тунелот е топло. Ендоскопската камера вметната во цевката исто така помогна да се следи состојбата на заробените работници. Сиед Ата Хаснаин, службеник на НДМА, се обиде да ги увери роднините и јавноста дека заробените работници и понатаму се на безбедно.
– На сите им беше дадена храна и лекови. Медицински и психо-социјални стручњаци се таму и си ја вршат својата работа. Се преземаат сите мерки на претпазливост за сечија безбедност – рече Сиед Ата Хаснаин.
Тунелот беше изграден како дел од големиот проект од 1,5 милијарди долари на премиерот Нарендра Моди, кој имаше за цел да поврзе четири главни религиозни места за аџилак низ Утараханд преку огромна мрежа на патишта и тунели.