Предметот „Трезор” уште од самиот почеток мирисаше на политички прогон. Поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков беше обвинет дека бил во Лондон и договарал набавка на опрема за Управата и со искористување на службената положба им наложил на надлежните служби како и од кого да биде набавена, а со тоа направил штета на буџетот. Преку меѓународна помош, уште тогаш британската компанија го извести обвинителството дека не го познаваат Мијалков и не се сретнале со него, а надлежните за набавки во МВР дадоа исказ дека немале никаква наредба или притисок од Мијалков.
Јавното обвинителство дури не понуди и никакво економско вештачење со кое би докажало дека опремата е преплатена, односно дека фирмата увозник (која била ексклузивен застапник) направила екстра профит од зделката. Сепак, ЈО реши да го продолжи предметот и покрај констатираните суштински повреди во првостепената пресуда. Имено, Апелација го врати предметот заради недостигот на докази и лошо констатираната фактичка состојба, давајќи сериозни напатствија до основниот суд и ЈО.
Бесмислено форсирање на „изгубена утакмица”
По измените на Кривичниот законик стана уште побесмислено форсирањето на овој предмет од страна на обвинителот Љубомир Јовески. Набавката на опремата извршена во 2012 година е застарена, а дејствието кое што му се ставаше на товар на Мијалков, „искористување на службената положба”, сега е декриминализирано, односно по новиот КЗ веќе не се гони.
Сепак Републичкиот обвинител Јовески, поради лична суета или задоволување на нечии нарачки, одлучува да продолжи да притиска и да прави дополнителни трошоци во буџетот, за предмет за кој нема основа и знае како ќе заврши.
Според информациите кои што ги имаме, тој им наредува на обвинителите да направат преквалификација и истата да ја претстават како допрецизирање, па наместо за „искористување”, сега Мијалков да се гони за „пречекорување” на службената положба, а делото да си го толкуваат како продолжено, иако и во тој случај се оценува застареноста на секое поединечно дело.
Плусинфо пишуваше дека на минатото рочиште одбраната предупреди на сите правни киксови во ваквото произволно толкување на законот од страна на Јовевски, а судот му даде уште една шанса да го преиспита својот став и да се произнесе по барањето на адвокатите за прекинување на постапката.
Цели две недели, Јовевски не успеа да најде ниту еден правен контрааргумент
На вчерашното судско рочиште, одржано после две недели од претходното, надлежните јавни обвинители не понудија буквално ниту еден правен аргумент зошто барањето на одбраната би било неосновано, односно зошто не би требало да се прифати. Напротив, единствениот одговор до судот беше дека ЈО не цени дека е неопходно да се произнесува по барањата на одбраната.
Со други зборови, Јовески е свесен дека не постои законски основ за продолжување на процесот, но сепак по негово лично инсистирање, истиот мора да продолжи, без разлика какви дополнителни трошоци и консеквенци ќе предизвика. Со тоа првиот човек на ЈО свесно предизвикува штета на буџетот пред своето заминување во пензија, најавено за во наредниве недели.
Одбраната на обвинетите и вчера го повтори барањето за прекинување на процесот, нудејќи нови правни аргументи. Адвокатите овој пат се повикаа на член 398 од Законот за кривична постапка, кој се однесува на поврзаност на пресудата со обвинението (објективен и субјективен идентитет). Согласно тој член, „пресудата може да се однесува само на лицето кое е обвинето и само на делото што е предмет на обвинението содржано во поднесениот, односно на главната расправа изменетиот или проширениот обвинителен акт. Судот не е врзан за предлозите на тужителот во однос на правната оцена на делото”. Одбраната смета дека пресудата на Апелација, со која е вратен предметот, е јасна и се однесува на „искористување на службената положба”, во однос на две поединечни дела, а не едно продолжено, односно дека сега ЈО прави акробација со која не се врши допрецизирање, туку целосна преквалификација на делото, со сосема истите докази.
Вториот аргумент на одбраната вчера беше член 428, кој се однесува на Забрана за менување на полошо и вели: „Ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот, пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција”. Во конкретниов случај, забраната е на штета на обвинетиот, бидејќи првичната квалификација е декриминализирана.
Уште една шанса Јовески да се опамети
Судот и вчера одлучи да ја одложи главната расправа и повторно да му даде простор на Обвинителството да се прознесе по новите аргументи, за да успее барем малку да го сочува угледот. Јовески повторно има време да размисли дали ќе тера инает и ќе ги расфрла парите од буџетот како да се негови лични, или ќе ја прифати правната аргументација и ќе се повлече.