На гасот му истекува рокот на употреба

Lorita
By Lorita 6 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Европската инвестициска банка (ЕИБ) денеска треба да го објави тендерот за избор на изведувач на работите на интерконекторот за гас со Грција. Ова, вчера го соопшти министерот за економија Крешник Бектеши, а денеска го потврдија од компанијата „Номагас“.

Оттаму велат дека, според правилата на ЕИБ, деталите за тендерот ќе им бидат достапни на заинтересираните страни за најмногу 3 дена од неговото објавување. Претходно беше избран и надзор на изградбата што е основа за распишување тендер за избор на изведувач на работите.

Од должината на тендерската постапка и конечниот избор на изведувачот на работите ќе зависи и кога ќе почнат работите на гасоводот на терен. Планот е проектот да биде завршен до 2025 година и покрај тоа што следната е изборна година кога инвестициите вообичаено стагнираат.

Гасоводот кој ќе ги поврзува двата национални гасоводни системи треба да биде долг 123 километри и да се протега од Неа Месимвриа кон Неготино преку Гевгелија. Планирано е почетниот капацитет да биде 1,5 милијарди кубни метри годишно, со можност за проширување до 3 милијарди кубни метри годишно, а се спроведени и студии со цел гасоводот да има соодветни спецификации за транспорт на водород.

Нашиот дел од гасоводот кој треба да ја поврзе границата со Грција и со Неготино е долг 67 километри. Делот од македонска страна чини 83 милиони евра и парите се обезбедени од меѓународните финансиски институции, од кои 28,9 милиони евра се кредит од Европската инвестициска банка, 16,5 милиони евра од Европската банка за обнова и развој и 12,425 милиони евра од ВБИФ инвестициски грант и останати кредитори.

Интерконекторот за природен гас меѓу Македонија и Грција се најавува од 2016 година како еден од најзначајните енергетски објекти кои треба да овозможи диверзификација на снабдувањето со гас. Но, освен како предизборен адут на овој проект многу бавно се работи, што ја прави земјава зависна од рускиот гас кој доаѓа преку Бугарија.

Годинава гасното поврзување со нашиот јужен сосед стана многу потребно, откако Бугарија одлучи да воведе дополнителна такса од 10 евра на рускиот гас.

Експерти велат дека овој гасовод требаше веќе да биде изграден и ставен во функција со оглед од потребата од овој енергенс. Сега постапката треба да се забрза и да се почитува рокот на изградба.

– За гасоводот се говори веќе неколку години. Поранешниот премиер Зоран Заев го најави заедно со други проекти кои требаше да се реализираат со Грција. Покрај гасоводот кој го споменувате беше најавена и изградба на терминал за течен гас во Александропулос во Грција, како и изградба на гасна централа во која ќе имаме 20% или 30% учество. Но зошто се чекаше во изминативе години, а сега пред избори повторно се актуализира се знае. Како и да е, овој гасовод треба да се гради што поскоро бидејќи е потребен од повеќе причини, а една од нив е дека ако беше изграден, можеби немаше да го имаме проблемот со Бугарија со таксата и тоа дека уште сме заглавени само со едно гасно поврзување – вели професорот Ристо Цицонков.

- Advertisement -
Ad image

Тој додава дека секое забавување на проектот ќе нè чини многу повеќе, бидејќи течат роковите и за отфрлање на гасот како енергенс во светски рамки.

– Ако чекаме 20 години да го изградиме овој гасовод ќе треба и да го затвориме и да немаме корист од него, бидејќи за толку години ќе треба и да се откажеме од овој енергенс како што многу брзо треба да се откажеме од јагленот за кој чекаме до последен момент, без да инвестираме во соодветна замена – вели тој.

Според него, владата изминатите години требаше да реагира побрзо и да реализира барем некои од енергетските проекти кои се посочени во енергетската стратегија.

- Advertisement -
Ad image

– На полето на енергетиката оваа влада скоро и да не направи ништо. Бавно се градат гасоводите, стихијно се инвестира во фотоволтаиците кои ги градат приватници, а големите енергетски капацитети се даваат да ги градат странци. Досега РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј требаше да бидат пренаменети на гас. Планирани беа и неколку гасни централи, но од тоа нема ништо. Само се даде ХЕЦ Чебрен да го грдат странци што е надвор од секоја логика кога се има предвид енергетската независност на земјата – вели Цицонков.

Власта го најави тендерот за избор на изведувач на изградбата на гасоводот за февруари годинава, но потоа се премисли. Подоцна се правдаше дека одложувањето било поради исполнување на новите европски стандарди, според кои системот треба да биде подготвен да пренесува и водород.

Постапката за интерконектор за гас кон Грција почна во 2016 година, кога беше потпишан меморандумот за разбирање меѓу Националните енергетски ресурси (НЕР) на Северна Македонија и Националниот оператор за пренос на гас на Грција (ДЕСФА). Дури по пет години, двете земји потпишаа договор на политичко ниво, а во октомври 2021 година извршните директори на двете компании го потпишаа договорот за соработка за развој и изградба на интерконекторот за природен гас. На крајот на септември беше потпишам договорот за вршење на надзор над изградбата на гасниот интерконектор, помеѓу наследникот на НЕР, „Номагас“ и ДЕСФА од Грција.

До објавувањето на текстов, тендерот за избор на изведувач на изградбата на гасоводот сѐ уште не беше објавен.

Share This Article