Новата одлука за цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи ќе ја објави Универзалниот снабдувач – ЕВН хоум, откако претходно Регулаторната комисија за енергетика (РКЕР) ќе направи проверка дали е соодветно пресметана.
– Регулаторната комисија за енергетика со новата одлука во декември ќе стартува да ја применува ЕУ практиката според која како обврска на регулаторот е дефинирање на тарифите за пренос и дистрибуција, а крајната цена во која влегуваат сите елементи ќе ја соопшти Универзалниот снабдувач – ЕВН хоум – изјави денеска за МИА претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
Тој прецизира дека РКЕ ќе направи проверка дали цената е соодветно пресметана и ќе укаже каде има потреба од корекции ако има отстапувања. Но формулата, како што истакнува, е јасна за сите енергетски компании.
Ниту едно регулаторно тело, вели Бислимовски, не ја кажува крајната цена, освен во Србија, можеби и Косово.
– Регулаторот е да регулира тарифи за пренос и дистрибуција. Ќе ја објави ЕВН хоум , а претходно ќе ја контролира РКЕ каде ќе се проверува дали ќе бидат правилно применети тарифните системи – објаснува Бислимоски.
Како што изјави вчера, ќе нема промена на опсегот на четирите блок тарифи за електричната енергија на регулираниот пазар и покрај забелешките на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
– Блоковите и нивниот опсег нема да се намалат. Не е тоа решение. Блоковите даваат резултати. Воведената реформа има ефект и има заштеди од 16 отсто. Дури и тоа што беше потопла зимата има удел, но сепак до овој процент е стигнато со штедење на домаќинствата и факт е дека потрошувачката е намалена – рече Бислимоски во ТВ гостување.
Според него, намалувањето на субвенциите што ги даваше Владата за електричната енергија е логичен след затоа што, како што рече, оваа година, по завршувањето на грејната сезона немаме потреба од ТЕЦ Неготино и големите набавки завршија. Воедно, посочи тој, имаме и постабилна и попредвидлива состојба со цените на електричната енергија на берза.