Претставници на владината коалиција остануваат на ставот за одржување редовни парламентарни избори, на ист ден со претседателските, а според неофицијалните сознанија на министерот за правда кој е од редовите на Алијанса за Албанците Кренар Лога, 8 мај ќе биде датум за одржување на двата изборни циклуса.
– Неофицијално јас знам дека тој датум ќе биде и официјален датум. Како и да е, ќе треба деновиве мнозинството да заземе став, а после и со опозицијата, а верувам дека тој ќе биде датумот за двата изборни циклуса – рече Лога на новинарско прашање дали 8 мај ќе биде датум за изборите.
И вицепремиерот и министерот за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, вели дека во мај има простор за одржување на редовните избори.
– Мислам дека сите политички партии се согласни изборите да се одржат заедно и да не бидат предвремени, затоа што во мај има простор да се одржат, согласно нашето законодавство, редовни избори, заеднички значи, и претседателски и парламентарни, и се надевам дека во рок од неколку дена ќе се донесе заедничка одлука за да се одржат тие избори – рече Груби.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, пак, вели дека СДСМ остануваат на позицијата конечно после многу години да има редовни парламентарни избори.
– Ние сѐ уште како Социјал демократски сојуз остануваме дека треба да има редовни парламентарни избори, конечно еднаш, после низа години, во нашата држава да има редовни парламентарни избори, се друго е работа на дискусија – рече Битиќи, кој со Лога и Груби учествуваа на Свечената академија по повод 115-годишнината на Битолскиот конгрес и Деновите на Албанската азбука, што ја организираше Владата.
Во однос на прашањето дали ќе има заеднички листи помеѓу ДУИ, АА и СДСМ, сите тројца велат дека се отворени за такво нешто и оти се водат разговори за тоа.
– Европскиот фронт значи е отворен за сите политички партии што го поддржуваат европскиот пат на државата, дали е во заедничко настапување или е во заеднички листи е работа на договор. Немаме ниту партиски, ниту коалициски или пак меѓупартиски договор се уште за заеднички листи, но сите опции се отворени – изјави Битиќи околу тоа прашање.
Во однос на прашањето кој ќе биде следниот премиер на последните дена, Груби повторно потврди дека тој нема да биде и оти тоа ќе биде некој друг предложен од страна на Али Ахмети и ДУИ.
На прашањето дали АА ќе излезе од коалиција доколку нема уставни измени, Лога рече дека треба да се даде надеж на тие измени до крај и оти Алијанса ќе биде до крај за да успеат уставните измени.