Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на завршната конференција на Уставниот суд на тема „Повеќе правна заштита за граѓаните преку сеопфатна и ефективна уставна жалба”, како дел од проектот „Промовирање на уставната жалба како најзначајно средство за заштита на основните права во Северна Македонија”. Конференцијата се одржува во соработка со Германската фондација за меѓународна правна соработка.
Во продолжение е интегралниот текст на обраќањето на претседателот Пендаровски.
Видео материјал:
Обраќање на претседателот Пендаровски – https://youtu.be/7tx-gO0zeyc
Почитувана претседателке на Уставниот суд, почитувани судии,
Почитувани учесници на конференцијата,
Дами и господа,
Ми претставува особена чест и задоволство да се обратам на отворањето на конференцијата на Уставниот суд, во соработка со Германската фондација за меѓународна правна соработка, а посветена на можностите за воведување на уставната тужба во уставно-правниот поредок на државата. Според мене, додадена вредност на оваа конференција е нејзиниот меѓународен карактер што претставува одлична можност за размена на искуства на нашите судии и експерти од науката и практиката со нивните колеги од регионот, односно од уставните судови на Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Нашиот Уставен суд има долга традиција која датира уште од времето на нашиот државен-правен развој во поранешна Југославија. Уставниот суд за прв пат беше воведен во правниот поредок со Уставот на тогашната Социјалистичка Република Македонија од 1963 година, за следната 1964 година да започне со својата работа. Во оваа прилика дозволете однапред да ви го честитам претстојниот шеесет годишен јубилеј.
Овој факт го споменувам бидејќи воведувањето на уставното судство беше редок и невообичаен чекор во еден еднопартиски социјалистички систем, каков што имавме во поранешна Југославија што несомнено претставуваше позитивен чекор во намалување на политичкиот волунтаризам и ставање во правни рамки на доминацијата на тогашната владеачка политичка номенклатура.
Со Уставот од 1991 година Уставниот суд продолжи да функционира, но во значително променети околности на независна држава со демократско политичко уредување. Во таа смисла, работата и одлуките на тогашните состави на Уставниот суд беа исклучително важна гаранција дека транзицијата кон демократско и плурално општество кое почива врз начелата на владеење на правото, заштита на човековите права и слободи, поделбата на власта и пазарната економија ќе се одвива во рамката предвидена со новиот устав.
Доволно е да се потсетиме дека Македонија никогаш во својата историја до 1991 година немала демократско искуство за да ни стане јасно колкава беше одговорноста на тогашните судии. Според мое убедување, Уставниот суд и неговите судии во тие клучни периоди од изградбата на државата и на новиот демократски систем успешно се носеа со товарот на времето за што сакам да им оддадам признание и да им се заблагодарам за нивната работа.
Времето во кое сега живееме од аспект на проблемите што се поставени пред нас не може да биде оценето како многу поповолно во однос на ситуацијата од пред триесетина години. Несомнените успеси во изградбата на државата и нејзиното меѓународно етаблирање, денес, за жал, паѓаат често во сенка поради сериозните недостатоци во функционирањето на правната држава. Овие проблеми не само што се клучен елемент во извештаите за нашиот напредок во европските интеграции и тема во јавноста, туку, далеку поважно, според сите истражувања на јавното мислење се и клучен приоритет на граѓаните покрај нивната социо-економска положба.
Недостатоци се забележуваат во функционирањето на судството во целина, во работата на Судскиот совет, справувањето со организираниот криминал и високата корупција, пристапот до правда, судењето во разумен рок, заштитата од дискриминација, а, во одредени случаи и со уставноста на законите што ги носи Собранието. Сето тоа влијае врз јавната перцепција и граѓанското незадоволство од функционирањето на државата и нејзините институции. Затоа сакам и од ова место да порачам дека проблемот на правната држава е клучен државен приоритет, а од успехот или неуспехот конечно да ги спроведеме неопходните реформи ќе зависат многу процеси врзани со натамошниот развој на земјата.
Во овој контекст, исклучително значаен сегмент во реформите е и понатамошниот развој и работата на Уставниот суд.
Почитувани учесници на конференцијата,
Вистинското значење на Уставниот суд го почувствува секој граѓанин на државата во скорешното минато, односно, во времето на пандемијата на КОВИД-19. Во ситуација без преседан во скорешната историја и кај нас, но и на глобално ниво, нашите институции се најдоа пред предизвикот како да се управува со државата во битка со вирус за кој во тоа време многу малку знаевме и од чии последици, за жал, починаа голем број наши сограѓани.
Во оваа прилика сакам да кажам дека и за мене лично тие моменти беа ислучително тешки, не само од здравствен аспект, туку и од аспект на уставноста на одлуките што мораше да бидат донесени. Во состојба на нефункционален парламент и влада во технички мандат, моравме да делуваме на начин кој, од една страна ќе го обезбеди функционирањето на институциите, а од друга, ограничувањата на правата и слободите на граѓаните ќе ги лимитира само на нужната потреба.
Одлуките за вонредна состојба, за прв пат во нашата уставно-правна историја, не беа нималку лесни одлуки за носење за мене, не само како претседател, туку и како правник по струка и демократ по убедување. Тие беа нужната основа за носење на уредбите со законска сила од страна на владата за да се обезбеди работата на институциите и во такви услови. Во новонастанатата ситуација Уставниот суд одлучи да има активна и конструктивна улога. Вашите одлуки во однос на одлуките за вонредната состојба, но и во однос на уредбите со законска сила беа од непроценлива важност за нас носителите на власта во политичките институции. Тие беа задолжителна насока за нашето дејствување и исклучително важни за довербата на граѓаните дека политичката власт мора да се движи во рамките на уставот и демократскиот поредок.
Поаѓајќи од ова искуство, дозволете ми да отидам чекор подалеку и да се вклучам во дискусијата за иднината на нашето уставно судство. Сметам дека во иднина Уставниот суд треба уште поактивно да се профилира како заштитник на човековите права и слободи. Еден начин, што е тема и на оваа конференција денес, се измени на уставот и воведување на уставната тужба како правно средство за заштита на правата и слободите.
Сакам без резерва да ја поддржам оваа ваша иницијатива. Уставната тужба е потврдено ефикасно средство, а најдобар пример за тоа е токму практиката на Уставниот суд на СР Германија чии одлуки се инспирација за многу правници кои работат во оваа област. Иако, досега, постоеја повеќе иницијативи за измена на уставот во оваа насока, за жал, цела серија парламентарни состави не собраа сила тоа да го направат, а дискусиите за измени на уставот, со цел, воведување на уставната тужба завршуваа во партиско-политички пазарења и надмудрувања за сосема други прашања кои немаат никаква врска со темата. Се надевам дека во скора иднина и политичката, освен стручната јавност, ќе ја разбере важноста на воведувањето на уставната тужба како важен сегмент во реформите и чекор кон зајакнување на системот за заштита на човековите права и слободи.
Се разбира, во услови на непостоење на категоријата на уставна тужба во нашиот поредок, Уставниот суд има можност, уште повеќе, да ја афирмира својата улога на заштитник на човековите права и слободи и во постојните рамки. Тука пред се мислам на вашата надлежност за постапување по барањата за заштита на слободите и правата, а особено во заштитата од дискриминација.
Имајќи предвид дека основите и стандардите за заштита од дискриминација се значајно проширени во Европската Унија, а што најде свој одраз и во нашиот Закон за заштита од дискриминација, сметам дека Уставниот суд може уште попроактивно да се постави во оваа сфера и со оглед на уставно гарантираната независност во неговата работа самиот да постави нови стандарди. На тој начин и во отсуство на уставни измени, Уставниот суд ќе добие квалитативно нова положба и улога во заштитата на правата и слободите. Без сомнение, евентуалниот развој во оваа насока ќе биде корисен и за другите судови, но и непосредно за граѓаните.
Почитувани,
На крајот од моето обраќање, сакам уште еднаш да ве уверам во мојата поддршка за зајакнување на улогата на Уставниот суд како заштитник на правата и слободите. Ви посакувам плодна дискусија и предлози за кои се надевам дека ќе бидат имплементирани во скора иднина.