Јордан вчера објави дека го зголеми своето воено присуство долж границата со Израел и предупреди дека секој обид на Израелците насилно да ги туркаат Палестинците преку реката Јордан ќе биде кршење на меѓусебниот мировен договор.
Премиерот Бишер Хасавене рече дека неговата земја ќе прибегне кон „сите средства што и се на располагање“ за да го спречи Израел да спроведе масовно протерување на Палестинците од Западниот Брег.
Конфликтот меѓу Израел и Газа ги поттикна долгогодишните стравови во Јордан, дом на голем број палестински бегалци и нивните потомци. Десничарските, ултра-националистички струи кои се сега во израелската влада, долго време се залагаат за решавање на израелско-палестинското прашање по принципот „Јордан е Палестина“.
„Секое раселување или создавање услови што би довеле до тоа, Јордан ќе го смета за објава на војна и материјално прекршување на мировниот договор“, државните медиуми ја цитираат изјавата на Хасавене, мислејќи на мировниот договор со Израел од 1994 година.
Јордан, втората арапска земја по Египет што го потпиша мировниот договор, има силни безбедносни врски со Израел. Но, односите се нарушени по доаѓањето на една од најдесничарските влади во историјата на Израел.
-Мировниот договор ќе биде парче хартија на полицата покриена со прашина доколку Израел не ги почитува своите обврски или ако ги прекрши – рече Хасавене.
Секоја закана за националната безбедност на Јордан ќе ги стави сите опции на маса, посочи јорданскиот премиер, додавајќи дека неодамнешното распоредување на војници долж границите со Израел е дел од мерките за заштита на безбедноста на земјата.
Жителите и сведоците во последните денови виделе долги редови оклопни возила и тенкови како се движат по главниот автопат што води до Јорданската долина наспроти Западниот Брег.
Официјални лица велат дека армијата веќе била во состојба на готовност за сите можни ситуации. Хасавене рече дека акциите на Израел на Западниот Брег може да предизвикаат ширење на насилството, наведувајќи ги зачестените напади на еврејските доселеници врз палестинските цивили по нападот на Хамас на 7 октомври.
Вашингтон, исто така, го повика Израел да го спречи насилството меѓу доселениците, стравувајќи од ескалација на конфликтот.
„Израел треба да се држи настрана од каква било ескалација на Западниот Брег. Ова е црвена линија чие преминување Јордан нема да го прифати“ – додаде јорданскиот премиер Бишер Хасавене.